| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на романот „Тајна мисија“ од Влада Урошевиќ во „Магор“

Издавачката куќа „Магор“ вечерва со почеток во 20 часот организира промоција на збирката раскази „Тајна мисија“ од Влада Урошевиќ. Промотори на изданието ќе бидат проф. д-р Ангелина Бановиќ-Марковска и Владимир Јанковски. Одломки од расказите ќе чита самиот автор.

-Збирката раскази „Тајна мисија“ е составена од дваесет и еден расказ, кои на најдобар можен начин ја покажуваат умешноста на авторот во формата што можеби најмногу му одговара: расказот. Станува збор за текстови во кои тој го продолжува својот интерес за фантастиката, за необичното и чудесното во литературата.Расказите на Урошевиќ постојано и систематски создаваат еден свет, еден можен свет што постојано ќе го надополнува постојниот свет, збогатувајќи го и додавајќи му нова смисла. Тие произлегуваат од идејата дека мисијата на писателот е постојано да ги умножува слоевите на светот, на тој начин правејќи го посложен, а со тоа и поинтригантен, вели Владимир Јанковски во својата рецензија.

-Влада Урошевиќ е автор за кого уметноста не смее да ја прифаќа зададеноста на работите. Нејзината мисија е постојано да ги доведува под прашање нештата што се доживуваат како непроменливи. Да се измести веќе поставената рамка и да се претпостави дека често светот не е она што го гледаме – тоа е поетичкото начело што го води без разлика дали станува збор за прозата, поезијата или есеистиката. Во неговите раскази, надворешниот свет досеглив со механизмите на научната мисла и процедурите на егзактните науки е само еден вид амбиент, почетна околност од која се развива и на сцена стапува оној другиот свет, светот на имагинарното, фантастичното, непроверливото но силно интуитивното, насетуваното, подвлекува Јанковски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top