| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на пишаната оставина од Павел Шатев во Крива Паланка

Во Градскиот музеј на Крива Паланка, денеска напладне ќе се одржи промоција на деветте тома од пишаната оставина на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев, кои неодамна ги објавија Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ и Државниот архив на Република Македонија, во превод на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.

Деветте тома: „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“, „Полициско досие (досие УДБА)“, „Записи за нацијата и државата“, „Македонија и балканскиот проблем“, „Македонија под ропство“, „Документи“ и „Заточението во Сахара – Фезан“, ќе ги претстават проф. д-р Зоран Тодоровски, Предраг Димитровски и Нове Цветаноски.

Оставината на Павел Шатев во најголем дел досега воопшто не беше објавена, а освен неа во деветте тома е вклучен обемен фонд на документи поврзани со неговиот живот и со неговата дејност.

Биографијата на Павел Шатев е исполнета со богата неколкудецениска револуционерна дејност, но во својот живот се посветил и на публицистиката, новинарството, мемоаристиката и проучувањето на македонската историја, па благодарение на тоа зад себе оставил богата пишана оставина, која, иако се појавува толку доцна по нејзиното создавање и по смртта на Шатев, денес претставува значаен прилог за македонската историографија.

Шатев е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници. Тој е непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година; активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета); по ослободувањето на Македонија се вклучува во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија.

Неговата Голгота почнува во моментот кога е македонски државник – по Резолуцијата на Информбирото и по судирите со новата комунистичка власт, која во тој период ги прогонува македонските интелектуалци, идеолошките неистомисленици и национални авторитети кои биле на одредени функции. Во 1948 година Павел Шатев бил сменет од сите политички функции и поставен за советник, а при крајот на истата година пензиониран. На 16 јуни 1949 година, како сојузен пратеник, бил уапсен во Загреб, кога по седницата на Народното собрание во Белград отишол кај своето семејство, кое тогаш живеело во овој град. Веднаш потоа, Претседателството на Президиумот на Народното собрание на НР Македонија на 27 јуни 1949 година донесло решение за одземање на пратеничкиот имунитет и предлог за „покренување на кривична постапка“. Потоа, 11 месеци бил држен во истражен затвор во Скопје, обвинет од раководството на македонската политичка и партиска власт како „потенцијален непријател“ заради соработката со Советскиот Сојуз и за контактите што ги имал со бугарската амбасада во Белград.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top