Неизвесен е епилогот за одржување на предвремени парламентарни избори по ултиматумот од ДУИ за консензуален кандидат и одлучноста на ВМРО- ДПМНЕ дека други партии не може да го избираат нивниот кандидат. Премиерот Никола Груевски и неговата партија се ставени пред свршен чин по притисокот и ултиматумот од ДУИ и Али Ахмети, пренесува интернет порталот „Курир“.
Пораката од ДУИ испратена до коалициониот партнер, експертите ја толкуваат како притисок врз премиерот Груевски и аргумент за креирање на политичка криза. Неизвесноста за тоа дали со претседателските избори ќе има и предвремени парламентарни избори продолжува.
Непостигнувањето на решение отвора можност за нови предремени парламентарни избори, кои во овој момент се чини се најнепосакувани за најголемата опозициска партија СДСМ, која преку своите новинарски послушници веќе почна да испраќа порака дека истите ќе биле нефер, недемократски и највалкани во досегашната историја, иако токму СДСМ се согласи со измените во Изборниот законик.
Од друга страна, ударните тупаници на СДСМ во медиумите, слично како и самото раководство на партијата покажува страв од нови предвремени парламентарни избори и нов пораз кој според сите анкети се чини е неминовен за опозицијата.
Еден од најистурените новинари на СДСМ, уредникот на “Слободен печат“ Бранко Героски во своја колумна објавена во весникот пишува дека ова ќе биле “највалканите избори во нашата историја“, иако партијата чија политика тој ја поддржува отворено застана и се согласи за измените во изборниот законик.
-Од авион се гледа и тоа какви ќе бидат изборите. Зарем некој сѐ уште се сомнева дека ова ќе бидат највалканите избори во македонската историја? Настојувам да предупредам дека нѐ чека тешка и исцрпувачка битка. Ќе биде тоа битка во која ќе се види од каков материјал е „искован“ секој од нас, пишува Героски.
Новинарите на СДСМ веднаш ја осудија можноста од предвремени избори, иако едногласното донесувањето на изборниот законик во кој се содржани значителни промени, беше пречекано со задоволство од страна на опозицијата и нејзините пулени.
И покрај тоа што од СДСМ се согласија на измените во Изборниот законик, сега опозиционерите тргнуваат од претпоставка дека парламентарните избори ќе биле нефер и недемократски, а причина за тоа е стравот од ново соочување со граѓаните.
Според политичките аналитичари, излезот од евентуална политичката криза која се создава со притисокот врз премиерот Груевски би бил само еден, предвремени избори во април наспроти можноста да му се дозволи на Ахмети да го избира шефот на државата.
– Консензуален кандидат е всушност друг збор за кандидат кој ќе го избира Ахмети. Се работи за класичен обид за уцена. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го прифати и ќе се оди на предвремени избори, смета Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје.
Екепертите прогнозираат силно незадоволство во редовите на СДСМ по очекуваниот пораз на двојните избори и барање за смена на актуелниот двоец, Заев-Шекеринска. Божиновски е уверен во победата на ВМРО-ДПМНЕ и на предвремените парламентарни и на претседателските избори. Очекува по изборната битка бројот на пратенички столчиња на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот дополнително да се зголеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.