| четврток, 6 декември 2018 |

Ортега: Секогаш е задоволство да се гостува во Македонија, каде што сите живеат за ракометот

Унгарскиот ракометен гигант Веспрем гостува во Македонија на пријателски натпревари со нашите најдобри тимови Вардар и Металург.
Шансата да се воиграат тимовите е одлична. По тој повод управата на „црвено-црните“ одржа прес-конференција заедно со тренерот на Веспрем, Антонио Карлос Ортега, и најдобриот играч на унгарскиот состав Ласло Наѓ.

– Секогаш е задоволство да се гостува во Макеоднија. Оваа земја живее за ракометот. По Европското првенство ги консолидиравме редовите и убаво е пред продолжението од Лигата на шампионите да одиграме две контролни средби со големи клубови какви што се Вардар и Металург. Максимално ќе влеземе во овие дуели бидејќи тимот има повредени играчи пред продолжувањето на сезоната и сакаме да испробаме повеќе варијанти, како во нападот така и во одбраната – изјави Ортега.

Најдобриот играч на Веспрем, Ласло Наѓ, се надоврза на тренерот и додаде дека ова е одлична можност за подигнување на самодовербата.

– На овие натпревари ќе дадеме сѐ од себе за да ја подигнеме атмосферата во тимот пред продолжувањето на сезоната во Лигата на шампионите. Ќе пробаме да се вратиме на формата што ја имавме во декември – додаде Наѓ.

Тренерот на РК Вардар, Раул Гонзалес, беше задоволен што е договорен пријателски натпревар со гигант каков што е Веспрем.

– За нас овој натпревар е од голема важност. Имаме многу повредени играчи и ќе мора да ги испробаме сите расположливи ракометари за што поподготвено да ја продолжиме успешната серија во Лигата на шампионите, СЕХА-лигата и во македонското првенство. Веспрем е тим што ќе атакува на завршниот турнир и е вистински предизвик за нас. Најважниот натпревар е со Динамо Минск во Лигата на шампионите, кој го играме на домашен терен и мора да бидеме стопроцентно подготвени – изјави Гонзалес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top