Женскиот ракометен шампион на Македонија, ЖРК Вардар СЦБТ, в недела ги продолжува натпреварите во Лигата на шампионите во втората фаза по групи. Првиот противник е германскиот тим Турингер со кого играат во 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“.
Со тој натпревар почнува борбата за првите две места од групата кои водат на завршниот турнир во Будимпешта.
„Вардарки“ најавија дека на секој натпревар одат на победа, но мора да се спомене дека нема слаба екипа во двете групи.
– Одлично сме подготвени. Одиме на победа на овој натпревар. Мора да споменам дека нема слаб противник, иако сите мислат дека сме во полесната група. Турнингер игра брз ракомет и ние ќе пробаме да ја забавиме играта и да го дадеме максимумот на терен, со што би ја оствариле првата победа во четврт-финалната група – изјави најдобрата ракометарка во светот за 2013 година Андреа Лекиќ.
Тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ, најави дека очекува вистински спектакл и се надева на полна сала и на поддршка од трибините.
– Имавме доволно време за подготовки, кои одлично ги реализиравме. Немаме проблем со повреди играчи и ќе настапиме во најсилниот состав. Ќе биде вистински спектакл в недела – додаде Кастратовиќ.
Билјана Црвенковска ја повика македонската ракометна јавност да дојде во „Борис Трајковски“ и да им даде поддршка на ракометарки и заедно да се радуваат во првата победа од четвртфиналната група.
– Би ни било од голема помош ако салата се наполни. Се подготвуваме тактички и се надевам дека ќе успееме да дојдеме до победата – додаде Црвенковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.