| четврток, 6 декември 2018 |

„Луково Поле“ причина за интерпелација за албанската влада

albanski parlament

Опозицијата во албанскиот парламент бара одговорност од владата обвинувајќи ја дека се согласила со изградбата на проектот „Луково Поле“ во Македонија, со што им наштетила на државните интереси, јавува „Дојче веле“.

Во интерпелацијата што ја побара опозицијата во Собранието на Албанија, шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати ги отфрли тврдењата на експремиерот Сали Бериша дека владите на Албанија и во Македонија имаат договор за реализација на проектот „Луково Поле“.
– Го повикувам јавно Бериша да ги обелодени спогодбите за кои говори, ако ги има – подвлече албанскиот министер. Тој истакна дека Албанија треба да покаже дигнитет и дека до овој момент Радика не е меѓудржавен проблем.
– Постои идеен проект, кој за да се подигне на ниво на проект за реализација треба да има студија за економска оправданост. Потоа ќе се бара согласност од државите во кои би функционирал, но и од финансиерот, за што Светската банка отворено кажа дека нема да финансира проекти за кои немаат согласност инволвираните страни. Со меѓународните норми и конвенции, кои се потпишани од Албанија и Македонија не се дозволува девијација на води – истакна Бушати пред пратениците. Во интерпелацијата за проектот „Луково Поле“, Бушати ја обвини опозицијата дека се обидува да манипулира и побара од неа да престане со обвинувањата за кои нема основа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top