| четврток, 6 декември 2018 |

„Супер Марио“ – проект за помош на стари лица во Прилеп

Веќе трет месец како единствен проект на ниво на Македонија, во општина Прилеп се реализира проектот наречен ,,Супер Марио“ кој има цел пружање  помош и грижа за старите лица. Градоначалникот Марјан Ристески при денешната посета на домовите на Цветанка Димитриеска и Даница Бошкоска се увери во оправданоста на проектот, а тие сами не го криеја задоволството од грижата што ја добиваат.

opstina_prilep-proekt_super_mario

Проектот е на ниво на Република Македонија, а е сличен на проекти во земјите на Европската унија, каде што постојат посебни служби организирани од локалната самоуправа и други институции за посета и грижа за старите лица. Во проектот се ангажирани 15 волонтери кои посетуваат над 60 стари и изнемоштени лица на територијата на општина Прилеп, јавува Канал 77.

– Презадоволна сум. Измиена, облечена, ногата ми ја масира затоа што паѓам на бастунчево, ме седнува да јадам. Што да барам повеќе? Ова е убаво за стари луѓе затоа што е тешко-затворени во 4 ѕида со таванот 5. Лекови ако не можеме да појдеме сами, ќе ни купат, ако не можеме сами, нѐ придружуваат кога треба да појдеме на лекар.

Волонтерката Катерина Аризанкоска во домот на една од корисничките наброи дел од секојдневните задолженија:

– Основните функции не можат да ги извршуваат. Не можат да испазарат, кај матичен лекар преглед, нега во домашни услови се подразбира и средување на домот, а посебно во овие услови кога е ладно за нив е битно да им се набават секојдневните продукти.

За имплементација на проектот, кој ќе трае до средината на октомври, Општина Прилеп обезбеди 1.200.000 денари. Помошта со посетата во домовите на пријавените е 3 пати неделно, а за грижата и помошта на старите лица волонтерите за време на 12-месечниот ангажман ќе добиваат надомест од 5.400 денари со платен персонален данок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top