| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија се пијат сè повеќе лекови

Меѓу десетте лекови што најмногу се користат во земјава се „еналаприл“ - лек за крвен притисок, потоа „пентоксифилин“ за подобра циркулација, па „лизиноприл“, исто така за крвен притисок, потоа „дијазепам“, па „метформин“ за регулирање на метаболизамот, „диклофенак“ препарат против болка, „ранитидин“ за желудник

lekovi

Во Македонија сè повеќе се пијат лекови на рецепт, покажале анализите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), пишува „Утрински весник“.

Меѓу десетте лекови што најмногу се користат во земјава се „еналаприл“ – лек за крвен притисок, потоа „пентоксифилин“ за подобра циркулација, па „лизиноприл“, исто така за крвен притисок, потоа „дијазепам“, па „метформин“ за регулирање на метаболизамот, „диклофенак“ препарат против болка, „ранитидин“ за желудник итн.
Анализата иако не е комплетно завршена, покажува дека бројот на реализирани рецепти нема да биде помал од 18 милиони, што претворено во пари значи дадени околу 35 милиони евра за лекови на рецепт. Шестмесечната анализа за минатата година покажала дека за половина година во аптеките биле издадени лекови врз база на 8,5 милиони рецепти. А, тоа е за 5,5 проценти повеќе издадени рецепти во споредба со првите шест месеци во 2012 година.

Според досегашните анализи на Фондот и реализираните рецепти, и натаму најмногу се трошат лекови за кардиоваскуларни заболувања, за срце и за крвни садови. На оваа група на лекови отпаѓаат речиси половина од издадените рецепти. По нив, доаѓаат лекови за централниот нервен систем, чија потрошувачка варира од година во година за околу еден процент. На трето место се препаратите за дигестивниот систем и за метаболизам.
Намалување на потрошувачката посебно се забележува кај антибиотиците, на кои отпаѓаат околу 10 проценти од реализираните рецепти. Намалувањето е за 13 проценти, што според аналитичарите на ФЗО се должи на фондовските контролни механизми, како и на ограничувањето на препишувањето на овие лекови кои се поврзани со здравствените цели на матичните лекари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top