Утре во Музејот на град Кратово ќе се одржи промоција на деветте тома од пишаната оставина на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев, кои неодамна ги објавија Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ и Државниот архив на Република Македонија. Преводот е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.
Деветте тома: „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“, „Полициско досие (досие УДБА)“, „Записи за нацијата и државата“, „Македонија и балканскиот проблем“, „Македонија под ропство“, „Документи“ и „Заточението во Сахара – Фезан“ ќе ги претстават проф. д-р Зоран Тодоровски, Предраг Димитровски и Нове Цветаноски.
Оставината на Павел Шатев во најголем дел досега воопшто не беше објавена, а освен неа, во деветте тома е вклучен обемен фонд на документи поврзани со неговиот живот и со неговата дејност.
Денот на промоцијата во родниот град Кратово се совпаѓа со денот на смртта на Павел Шатев – 29 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.