Владата на Република Македонија преку оперативниот план за активни мерки за вработување најави повеќе од 4.000 вработувања за оваа година.
За оваа намена се издвоени 525 милиони денари од буџетот на Република Македонија, АВРМ и МТСП. На 3 февруари годинава ќе биде објавен јавен оглас за вработување лица преку три мерки од оперативниот план.
Првата мерка, наречена „Прва шанса“, е наменета за субвенционирање на вработување млади луѓе до 29-годишна возраст со завршено високо образование.
Од оваа категорија ќе се вработат 50 лица за кои државата три месеци ќе издвојува по 13.000 денари месечно, а работодавецот потоа е задолжен овие лица да ги задржи на работа најмалку 6 месеци.
Втората мерка од оперативниот план предвидува вработување на лица според нивните вештини во рамки на секторот „транспорт“.
Потребно е пред најмалку две години да имаат положено за возачка Ц-категорија.
Ним ќе им биде обезбедена бесплатна обука за полагање за Д-категорија, од чија група на пазарот е најавен недостиг.
Државата ќе го субвенционира и првото полагање за добивање на Д-категорија, а по положувањето лицата ќе бидат вработени во рок од три месеци.
Третата мерка од огласот, кој ќе биде објавен на 3 февруари, е за обука кај познат работодавач. Ќе се вработат лица со статус активни баратели на работа, а приоритет ќе имаат лица до 29-годишна возраст и лица на возраст од 50 до 59 години.
Три месеци работодавецот ќе зема субвенции од 5.700 денари од државата за секој вработен, а потоа е должен на работа да задржи 50 проценти од нив.
Потоа државата за овие лица ќе издвојува по 13.000 денари месечно, а работодавецот е должен нив да ги задржи на работа уште 12 месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.