
Зоран Заев дал тендери во вредност од 20.111.810 денари на фирмата на сопругот на Цветанка Иванова. Зоран Заев преку добро разработениот тендерски систем во Струмица, милионски приход ѝ обезбедил и на семејната фирма на пратеничката од СДСМ, Цветанка Иванова. Ова е врв на сомнителното работење на Зоран Заев како градоначалник на општина Струмица. Зар и денес ќе се правда дека сѐ било законски, а 48 пати потпишувала Општина Струмица и нејзините институции набавки со сопругот на познатата пратеничка од СДСМ и очигледно негова блиска соработничка. Зар Зоран Заев 48 пати не знаел дека се потпишуваат договори со фирма на сопругот на Цветанка Иванова? – тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференцијата беше посочено дека Зоран Заев, освен на фирмите од неговото семејство и неговите бизнис-партнери, во повеќе наврати, јавни набавки со вкупна вредност од 20.111.810 денари доделил и на фирмата „ДИКОР“ во сопственост на сопругот на пратеничката од СДСМ, Цветанка Иванова, Димчо Иванов.
– Од нив, на фирмата „ДИКОР“, преку склучување на 42 договори за јавни набавки со Општина Струмциа, ѝ биле доделени 14.567.077 денари, додека, пак, со склучување на 6 договори за јавни набавки со Јавното претпријатие „Комуналец“, на фирмата „ДИКОР“ ѝ биле доделени уште 5.544.733 денари. За Зоран Заев, очигледно, други фирми во Струмица, освен оние во сопственост на семејството Заеви и нивните бизнис партнери, како да не постоеле. Речиси сите фирми од кланот Заеви имаат добивано јавни набавки од Општина Струмица и нејзините институции. Ако на некого не му беше јасно како Зоран Заев и фирмите на кланот Заев заработиле 2 милиона евра во само една година, со овие документи тоа лесно се гледа. Тендерите одат на прецизно селектирани фирми, а тие фирми понатаму се најуспешните и најпрофитабилните фирми во Струмица. Ова претставува класичен пример за искористување на позицијата градоначалник на Општина Струмица, исклучиво само за лично и семејно богатење, богатење на своите пријатели, како и за богатење на своите блиски бизнис и партиски соработници. Според ова, веќе не станува збор само за семеен, туку и за добро испланиран семејно-политички бизнис систем за искористување на парите на граѓаните – коментираат од владејачката партија.
Тие го запрашаа Заев уште колку фирми и уште колку милионски тендери треба да излезат на виделина, за тој конечно да се појави пред македонската јавност и да ги објасни овие скандалозни јавни набавки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


