Ги избегнавме Србија, Полска и Шведска и ќе патуваме за Скопје на бараж- дуелот за пласман во Катар на ракометниот мундијал во 2015 година. Среќата ни се насмевна, го добивме најлесниот можен противник од групата носители, пишува грчкиот портал „Gazzetta.gr“ коментирајќи ја денешната ждрепка во Данска, што донесе мегадуел меѓу Македонија и Грција. Првиот меч ќе се игра во Грција на 7 или 8 јуни, а реваншот е во Скопје на 14 или 15 јуни.
Победникот патува за Катар, а поразената селекција од баражот што е со посебен набој, останува со празни раце.
„Ни се насмевна среќата, но не значи дека ќе биде лесно. Нашите ракометари треба посебно да се подготват и за војна на теренот и за можни провокации. Ќе сакаат да нѐ поразат и со тоа да ни испратат и политичка порака“, се вели во содржината на порталот, посветена на баражот на двата соседи.
И Македонија ја посакуваше Грција, пред сѐ, затоа што има најслаб рејтинг од сите репрезентации што беа во послабата група, составена од неносители, но ваквите средби се најопасни. Еднаш Грција ни ги расипа плановите кога нѐ порази со 25-24 и нѐ спречи да играме на СП 2004 во Португалија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.