Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов денеска изјави дека неговиот колега од Струмица, Зоран Заев на својот близок пријател и бизнис партнер Горан Крстев очигледно не бирал начини како да му обезбеди приход.
– Тоа го правел и преку фирмата „Сара Јавор Инженеринг“, каде што денес Горан Крстев е бизнис партнер и ко-сопственик со братот на Зоран Заев, Вице Заев. Зоран Заев освен што му обезбедил купување на атрактивно градежно земјиште по едно евро за метар квадратен на Горан Крстев, како и јавни набавки во вредност од 1 милион и 600 илјади евра на неговата семејна фирма “Јавор Шпед ДООЕЛ“, му обезбедил и дополнителни 6 јавни набавки на име на друга негова фирма со име „Сара Јавор Инженеринг – тврди Стамов.
Заев на денешната прес-конференција одговарајќи на прозивките рече дека неговите фирми работат со загуба, како и сите други комапнии во Македонија благодарејќи на лошите економски политики на Владата. Тој ги демантира тврдењата од ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека по стотици контроли на неговото работење, власта не успеала да најде ништо спорно.
– Сите документи се јавно достапни, сите тендерски постапки и договори се јавно достапни за целата јавност, а со тоа ги има и ВМРО-ДПМНЕ. Поминаа и неколку контроли од последните прес – конференции за истите теми за коишто секојдневно говорат. `Се е законски јасно и чисто. Власта и владините медиуми треба да дадат одговор на криминалите коишто Социјалдемократскиот сојуз секојдневно ги објавува. Кој ќе одговара за тие криминали? Зошто сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ се впуштени на големо во пљачка и грабеж во оваа наша Македонија и дали некој ќе сноси одговорност и јавно ќе биде обелоденет токму од нивна страна – рече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.