Според истражувањето на МЦМС, 62,4 проценти од граѓаните се против било каква промена на името, а на 70,3 отсто не им е прифатлива ниту една географска одредница. 79,7 проценти од етничките Македонци се против било каква промена на името, а истото мислење го делат 23,4 проценти од етничките Албанци, објавува „Максфакс“ во анализата која ја пренесуваме.
Според шефот на дипломатијата Никола Попоски, колку е да се различни убедувањата на национално ниво по ова прашање, фактите се дека во спорот со Грција, Македонија е принципелната страна, додека другата страна инсистира на одложување и игнорирање на обврските од меѓународното право.
-Колку и да имаме различни убедувања на национално ниво, едно е сигурно, а тоа е дека принципиелно, во оваа позиција има една страна која ги исполнила своите обврски и на чија страна е меѓународното право, и имаме друга страна која не ги испочитувала обврските и која има тенденција на одложување на нивното спроведување и игнорирање на меѓународното право. Било кое решение мора да води сметка за рамката која ја имаме во моментов, имаме резолуција на Советот за безбедност, имаме времена спогодба и пресуда на Меѓународниот суд на правда, и не можете да очекувате дека ќе постигнете решение со некого кој не води сметка за овие правни параметри, за тоа како е дефинирано решавањето на спорот за името, вели министерот.
За Попоски, однесувањето на Грција се коси со основните принципи на Европската унија, а за постигнувањето на решение, најрелевантна во моментов е различната мотивација кај двете земји.
-Мора да се почитуваат основните демократски принципи, не може да барате од определена земја да смени Устав, јазик и државност, и национални параметри надвор од она што е норма во ЕУ. Тоа е принцип на ЕУ, дека не може тоа да се прави на еден насилен начин и однадвор, а Грција е таа која што наметнува дополнителни барања, надвор од оние кои се исполнети со времената спогодба и за кои Меѓународниот суд констатирал дека се исполнети и без прекршувања од страна на Македонија. Било какво решение од тој тип не смее да ги загрози националните параметри и мора да биде поддржано од мнозинството граѓани на организиран референдум. Тоа е ставот кој ние го браниме и со кој настапуваме во разговорите со јужниот сосед, а најрелевантна е актуелната клима и различното ниво на мотивација кај двете земји, смета Попоски.
За поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, грчкото неспроведување на пресудата од Хаг претставува основа Македонија да бара замрзнување на преговорите меѓу двете страни, се додека Грција не покаже дека е подготвена да ја спроведе оваа пресуда. Дополнителен факт што ја отежнува самата ситуација е тоа што спорот е апсурден и неправеден.
-Грчкото неспроведување на пресудата од Хаг покажува дека Грција има различен однос од нашиот, кон самиот спор. Македонија ја употребува силата на аргументите, додека Грција го употребува аргументот на силата. Самиот спор е апсурден и неправеден, задира во основните човекови и идентитетски права и прашања. Доколку Македонија навистина покажала тенденции, непријателски однос, загрозување на територијалниот интегритет на Грција, тогаш ќе можевме да очекуваме поголема самокритика за тоа што ние сме направиле погрешно и што го загрозило нашиот сосед, но во случајот со спорот, поапсурден и поирелевантен спор меѓу две соседни земји нема. Овој спор и однесувањето на Грција е како излегувањето на духот од шишето на 19 век, каде што една држава сака на другата да и наметне не само име, туку национална идентификација, лична карта и да и определи националност, јазик, пасош и сето она што служи за лична употреба, идентификација и меѓународна комуникација, вели Милошоски.
Повикувањето на меѓународното право е нешто што сепак, во денешницата вреди малку, смета политичкиот аналитичар Ризван Сулејмани.
-Живееме во свет каде нема правила на игра, нема вредности. Аргументацијата на министерот Попоски е дека нашата стратегија се базира на меѓународното право, но кое право денес вреди во Ирак, Египет, Сирија, па дури и Украина? Од тие причини мора поинаку да го поставиме прашањето за името во Македонија, смета Сулејмани, додавајќи дека во моментов, јавното мислење во земјата по ова прашува се сведува на два колосека.
-Јавното мислење се води во два колосека, едниот е левичарскиот или либералниот а другиот е конзервативниот, односно националистичкиот. Двете страни се сложуваат дека постои ризик од ситуацијата во која се наоѓаме, левицата стравува дека национализмот ќе се зацврсти толку многу, што нема да може да влезе во интеракција со другите покрај него, а тоа е ризик за една нација. Другите пак, мислат дека ние не смееме да излеземе надвор, дека овој свет кој нема морални правила, повикувајќи се на оваа пресуда дека ние бевме во право но дека меѓународната политика не не прифаќа и е преризична за нас, дека да излеземе во ситуација на интеграција, без создавање на идентитет е опасна работа, и затоа ние ќе мора да работиме на создавање на идентитет, објаснува Сулејмани.
За универзитетскиот професор Стево Пендаровски пак, главниот недостаток за македонската надворешна политика, е тоа што нема широк консензус, кој пред се ќе биде надпартиски и надетнички.
-Јасно е дека историските наслаги не може да се тргнат доколку нема поширок општ консензус во сопствената земја, и фундаментлалнот недостаток на македонската надворешна политика е отсуството на широк консензус за најважните прашања, кој ќе оди прекупартиски и прекуетнички линии, вели Пендаровски, додавајќи дека во ситуацијата со Грција, Македонија покрај другото мора да го дефинира и прашањето за тоа кој е стратешкиот спонзор за земјава во решавањето на овој спор.
-Освен преговарачката рамка за која нема широк политички консензус и широк етнички консензус, ние никогаш не сме разговарале за тоа кој е стратешки спонзор за да го решиме спорот во наша полза, дали е тоа САД или на пример Германија, бидејќи е неспорно дека спорот не може да се реши само на релација Атина – Скопје. Нимиц е техничко лице, но Нимиц не е Америка или Стејт департментот, или пак германскиот канцелар, според мене двата столба на европската и меѓународната политика, во моментот во однос на името и регионалната политика во моментов. Би сакал да видам да направиме консензус за најважните работи пред да дојдеме во безизлезна ситуација, и пред да се случуваат лошите работи, заклучува Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.