
Екстерното тестирање на матурантите во 96 средни училишта во Македонија заврши денеска со полагањето на вториот од двата предмета. Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, изјави дека и вториот дел од тестирањето, како и првиот завчера, поминал непречено и не биле пријавени никакви технички проблеми. Оценките од тестирањето ќе бидат познати по обработката на тестовите и се очекуваат наскоро.
Со екстерното тестирање беа опфатени 21.854 ученици од завршните години средно образование (трета или четврта), 2.814 наставници по 1.524 предмети, а процесот го следеа 150 набљудувачи.
– На полагањето на вториот предмет од екстерното оценување немаше ниту една забелешка или пријавено каков било проблем од учениците, набљудувачите, тестаторите, администраторите на процесот. Ова се ученици кои, всушност, се тестираат вторпат зашто беа трета година лани кога тестирањето првпат се спроведе. Овојпат прашањата им беа познати, беа речиси еден месец јавно достапни, а од сугестиите и забелешките беа извршени и одредени корекции – рече Ристовски.
Без оценка од екстерно тестирање матурантите нема да добијат свидетелство на крајот на учебната година. Оние, пак, кои оправдано отсуствуваат, ќе бидат тестирани дополнително.
Тестирањето беше воведено минатата учебна година и опфати околу 200.000 ученици. Целта е да се провери колку наставниците објективно го вреднуваат знаењето на учениците. Наскоро ќе биде објавена ранг-листа на наставници со најслаби и со најдобри резултати на минатогодишното екстерно тестирање, односно со најголеми и со најмали отстапувања во оценувањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


