| четврток, 6 декември 2018 |

Со Раул Гонзалез до европски Вардар

Македонскиот ракометен шампион Вардар денеска го промовираше своето најголемо зимско засилување – шпанскиот тренер Раул Гонзалез Гутиерез.

Vardar novi 2 (Custom)

На денешната прес-конференција сопстветникот на клубот, Сергеј Самсоненко, изјави дека Раул Гонзалез бил прва опција за клубот уште по прекинувањето на соработката со Зоран Кастратовиќ.

– Лично преговарав со Гонзалез уште во октомври. Мојата прва опција за тренеското место беше токму тој. Сепак, тогаш не дојде до договор поради лични обврски на тренерот. Неколку месеци подоцна дојде до договор кој ќе трае до 2016 година. Со овој избор Вардар доби на квалитет на тренерското место со кого клубот ќе го доведеме до голем успех, како на домашната така и на меѓународната сцена – изјави Сергеј Самсоненко.

Шпанецот долги години беше успешен играч кој потоа премина во тренерските води и соработуваше со Талант Душебаев во Суидад Реал и во Атлетико Мадрид. Како играч има освоено бронзен медал на Олимписките игри во Атланта во 1996 година.

– Голема благодарност до Самсоненко кој ми укажа доверба да работам во клуб кој има големи амбиции во Европа. Клубот има цел да атакува на врвот на Европа следните години. Ова е шанса за секој тренер која не смее да се пропуши. Тимот има висок квалитет и ќе дадам сѐ од себе за да ги исполниме условите кои ги постави ракводството на клубот. Сакам да им се заблагодарам на сите за топлиот пречек – додаде Гонзалез.

Раул Гонзалез како главни цели за оваа сезона ги посочи одбраната на титулата во домашниот шампионат, пласман во следната фаза од Лигата на шампионите, како и атака на првото место во СЕХА-лигата. Ова е негово прво интернационално искуство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top