| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓоковиќ поразен, Вавринка во полуфинале

Во маратонски меч на Отвореното првенство на Австралија во тенис, светскиот рекет број два Новак Ѓоковиќ загуби во четвртифиналето од швајцарскиот тенисер Станислас Вавринка по голема борба во пет сета (6-2, 4-6, 2-6, 6-3, 7-9).
Србинот одлично го почна натпреварот и брзо, по само 30 минути игра, го освои првиот сет. Вавринка не се предаде и успеа во следните два сета целосно да го сврти мечот во своја корист и да поведе со 2-1. Бранителот на титулата од минатата година не можеше да пронајде противигра и со неколку неизнудени грешки му дозволи на својот противник лесни поени, кои му беа доволни за да се надева дека ќе го направи најголемото изненадување во Мелбурн. Сепак, популарниот Ноле во четвртиот сет беше на работ на брејк гем на секој сервис на Вавринка и дури во осмиот гем успеа да го направи тоа и да го изедначи резултатот.
Во петиот сет се водеше голема борба каде што по дури 80 минути игра Швајцарецот со три поени по ред успеа да го одземе сервисот на Ѓоковиќ и да слави во мечот по четири часа игра.
Во полуфиналето Вавринка ќе се сретне со Чехот Томаш Бердих, кој во првиот четвртфинален дуел го совлада шпанскиот тенисер Давид Ферер со 3-1 во сетови.
Во другите два четврфинални дуела се среќаваат Енди Мареј со Роже Федерер и Рафаел Надал со бугарската ѕвезда Григор Димитров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top