Денеска во 16 часот Македонија го игра првиот натпревар од втората фаза на Европското првенство во ракомет во Данска против Унгарија. Од 12 средби со денешниот противник, Унгарците славеле дури 10 пати, а последниот пат кога македонската репрезентација победи беше во 2003 година.
Еден од најискусните во нашиот табор Ванчо Димовски се присеќа на последното соочување со Унгарија во олимписките квалификации во април 2012 година во Шведска.
– Од тој меч во Гетеборг можеме да извлечеме многу поуки. Ако тој меч го игравме наредниот ден или по два дена, веројатно ќе игравме поинаку. Но на тој меч не совладаа Перез и Кривокапиќ, за кои не очекувавме дека ќе играат. На крајот имавме шанса за реми, но една судиска одлука, одеше на наша штета, рече Димовски, кој многу пати до сега настапувал против унгарската репрезентација и никогаш не се радувал, без разлика дали се работи за бараж меч или еден натпревар на голема приредба. Но за се има прв пат. А за разлика од Гетеборг, во оваа Унгарија со која ќе играме нема да настапат Перез, Фазекаш, Кривокапиќ и повредениот Наџи – изјави Димовски на вчерашите подготовки.
Иако до вчера беше неизвесно дали за нашата репрезентација ќе настапува Ацо Јоновски, поради болки во тетивата, тој потврди дека ќе се бори против Унгарците.
Македонија како засилување го има и Немања Прибак.
Натпреварот Македонија – Унгарија, како и следните два натпревари, ќе се игра во терминот од 16 часот во арената „Јуске Банк Боксен“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.