Вистинско ракометно шоу приредија полските репрезентативци во Орхус на дуелот со Шведска и тоа во еден од клучните во битката за пласман во полуфиналето. Блескавата победа од 35-25 ги остави во игра за медал избраниците на Михаел Биглер.
Дебаклот на Швеѓаните кои имаа подршка од поголемиот дел од публиката во арената во Орхус се случи во вториот дел, кога Полјаците со серија од 8-3 ја зголемија предноста од првото полувреме (15-12) на 10 голови разлика. Со оваа победа Лиевски, Лучак и соиграчите ги задржаа шансите за пласман во полуфиналето, а им треба победа против Хрватска во последното коло од групата.
Шведска нема никакви шанси да бие битка за медали, бидејќи има 4 бода на четвртата позиција и два порази од директните конкуренти Хрватска и Полска.
Во останатите дуели од оваа група Хрватите ја декласираа Русија со 33-25, а убедливи беа и Французите со триумф од 39-30 против Белорусија си го расчистија патот кон полуфиналето. Триколорите се сигурни учесници во завршницата, бидејќи ги победија и Хрватите и Полјаците.
Пред стартот на последната рунда лидер е Франција со 8 бода, пред Хрватска и Полска со по 6, Шведска има 4 бода, а Русија и Белорусија се без бодови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.