| четврток, 6 декември 2018 |

Димовски: Натпреварот против Тунис е меч на генерацијата

Очекувањата се големи, исто така и желбите. Учество на Олимпијада е сон на секој спортист. Репрезентативците се позрели за четири години од претходните квалификации во Гетеборг. Шансите за пласман се големи. Потребни се две победи, кои реално треба да ги бркаме против Тунис и против Чиле. Полска е домаќин и не верувам дека ќепропушти таква можност да оди во Рио

Ванчо Димовски е поранешен македонски репрезентативец и ракометар на Металург. По една година од неговото завршување на играчката кариера, се враќа во клубот во кој ја доживеа полната спортска зрелост и афирмација како менаџер на тимот и координатор за работа со младите категории. За „Република“ даде свое видување за иднината на ракометот во нашата држава и за шансите за пласман на Олимписките игри во Рио.

 

Пред една година заврши со активното играње ракомет. Долги години си во овој спорт и може да се каже имаше успешна кариера. Откако се прости со играњето, продолжи со работата што најмногу ја познаваш преку новиот проект на Работнички, но од неодамна, повторно си во Металург како менаџер на тимот на клубот во работата со младите категории. На што се должи твоето враќање во стариот клуб и покрај проблемите што ги имавте со управата?

Димовски: Во последната година наназад се гледаат само проблемите што ги имавме не само јас туку и останатите ракометари со клубот. Сепак, не можам никако да ги заборавам десетте години поминати во Металург. Клубот што ми ја даде целосната афирмација како ракометар и, секако, како човек. Да не речам веднаш, но многу брзо по завршувањето на кариерата имав контакти со управата на клубот да ја преземам оваа функција, но сето тоа беше многу ново за мене и ми требаше цела година да размислам или да осознаам во кој правец ќе го продолжам животниот пат. Би можело да се каже дека концептот на Металург се повторува по десет години, односно во периодот кога ние што го напуштивме клубот пред една година заедно дојдовме таму и градевме еден европски тим, потпомогнат со неколку врвни странски ракометари. Целта е повторно да се изградат нови млади и сериозни македонски ракометари кои ќе можат да ја продолжат успешната приказна и во иднина да бидат база за репрезентацијата.

Мојата нова улога е помагање во создавање тим и барање млади наши играчи кои имаат потенцијал и се квалитетни, и кои по неколку години активно ќе се вклучат во сениорскиот тим.

Во моментот, целиот клуб го работи тој систем, кој би можело да се каже дека е европски, односно, како што работат голем број европски гиганти. Оваа работа бара трпеливост и истрајност бидејќи резултатите што се очекуваат треба да пристигнат кога овие ракометари од 1996 до 2000 годиште ќе созреат и од талентирани ќе станат врвни ракометари. Паралелно со обврските во Металург, активно сум вклучен во спортската академија на Агенцијата за млади и спорт за деца од основните училишта. Најпрвин во седум училишта од различни општини каде што се формираат паралелки по ракомет, фудбал и кошарка со цел да се создадат идни репрезентативци.

 

Поголем дел од репрезентацијата е составена од ракометари кои потекнуваат или играле во Металург. Дали се очекува тоа да продолжи и во иднина, со оглед на фактот дека во овој клуб во моментов играат талентирани млади ракометари?

Димовски: Проектот што го направи Металург пред 10-15 години и што се обидува да го продолжи и сега, вроди со плод. Од таа генерација играчи излегоа голем број репрезентативци кои поминаа неколку циклуси заедно. Ракометарите во клубот кои се родени во 1996 година, па и помладите, дури и сега се на прагот на сениорската репрезентација. Во 2019 година Македонија ќе биде домаќин на светско првенство за генерација на ракометари родени во 2000 година. Тоа значи дека уште отсега треба да се мисли и да почне да се работи за тоа што ќе биде по три години. Се виде дека голем број ракометари на Европското првенство во Полска се млади ракометари родени токму таа 1996 година и сега веќе прераснуваат во врвни играчи. Таков беше случајот и со репрезентацијата на Белорусија, која против нас настапи со четворица играчи кои имаа по 19-20 години. Тоа е случај и во репрезентацијата на Германија, Хрватска, и на Норвешка. Целта на ваквите проекти, за кои можам да кажам дека се и од национален интерес за Македонија, е што и по завршувањето на активното играње на сегашните репрезентативци ќе остане на европската и на светската мапа со учество на големи натпреварувања.

 

Како и што напомена, многу репрезентации во Полска настапија со подмладен состав. Македонија е зрела за такво нешто или постепено треба да ги вметнува талентите во А-селекцијата?

Димовски: Точно така. Многу репрезентации настапија со млади состави. Не би рекол дека тоа е ризикување на нивните федерации и селектори, туку дека уште сега се мисли за минимум десет години активно учество на големи натпреварувања. Мое мислење е дека Талевски, кој го помина целиот подготвителен период, беше зрел да го почувствува играњето на Европското првенство бидејќи во тоа момче има квалитет. Неговото искусно играње во сениорска конкуренција е доста големо бидејќи тој имаше настап за Металург во Лигата на шампионите уште пред три години против Кил. Оваа година одигра солидна полусеозна и се очекува во иднина да биде еден од носителите на репрезентацијата.

 

vanco-dimovski-sport181-2

 

Сега следува можеби најтешкиот дел, бидејќи времето за подготовки за квалификацискиот турнир во Полска е кратко. Колку се реални шансите Македонија да се пласира на Олимписките игри во Рио?

Димовски: Би можело да се каже дека почетните подготовки за квалификациите за Олимписките игри Македонија ги оствари уште пред првенството во Полска. Во април нема да има можност за подолги подготовки бидејќи времето е кратко. Таа пауза од меѓународните натпреварувања и домашните првенства е само една недела од почетокот на квалификациите во Полска. ЕХФ така го предвидел тоа и така функционира. Посакувам пред сѐ сите ракометари да се здрави бидејќи ќе бидат во полн натпреварувачки ритам и во такви периоди често се случуваат и тешки повреди и не може да се предвиди со каков состав ќе располагаме ниту ние, ниту останатите репрезентации.

 

На Европското првенство во Полска видовме многу поранешни ракометни ѕвезди како дел од експедициите на многу репрезентации. Буквално се вклучени во работата, и во федерациите и во репрезентациите. Колку значи тоа за еден национален состав и дали може да се случи вклучување на поранешни репрезентативци во работата на македонската репрезентација?

Димовски: Во еден разговор дознав дека Норвешка била поткрепена од поранешни репрезентативци кои може да се каже дека биле идоли на денешните репрезентативци. Ја споменав конкретно Норвешка која е вистинско освежување во европскиот ракомет, но тоа не е случај само со неа. Во Хрватска, во работата се вклучени 6-7 поранешни ѕвезди, носители на медали за нивната репрезентација, исто така и во Германија. Дури и на трибините во Полска можеше да се видат активни ракометари кои само поради повреда беа спречени да бидат во својата репрезентацијата. Секако, тоа не може да е на одмет. Секој совет не може да биде добредојден. Прашање за федерацијата е колку мисли дека јас можам да помогнам. Бев со репрезентацијата на турнирот во Умаг и од 2009 наваму сум целосно активен. Сега не бев во Полска, но се надевам дека тоа ќе продолжи. Не знам таков кој би одбил и не би сакал да даде придонес за својата земја.

 

Може ли да се случи неуспех во квалификациите за Олимписките игри во Рио?

Димовски: Очекувањата се големи, исто така и желбите. Учество на Олимпијада е сон на секој спортист. Репрезентативците се позрели за четири години од претходните квалификации во Гетеборг. Шансите за пласман се големи. Потребни се две победи, кои реално треба да ги бркаме против Тунис и против Чиле. Полска е домаќин и, секако, не верувам дека ќе пропушти таква можност да оди во Рио. Побогати сме за искуство од Гетеборг. Во оваа репрезентација има доста играчи кои настапија тогаш. Мислам дека сега имаме и полесни противници и шансата треба да се искористи. Може да се каже дека натпреварот против Тунис е меч на генерацијата.

Македонија има потенцијал. Доаѓа нов бран ракометари со кои верувам дека, со добра работа, Македонија ќе може да атакува и на квалификации за Олимпијадата во Токио во 2020 година. Познавајќи каков спортист и професионалец е Кире Лазаров, нема да ме чуди да биде активен и тогаш. Знаеме колку досега дал за ракометот и колку уште може да даде. Гледајќи го како изгледа сега на 35 години и како игра, не гледам голема разлика од пред четири години и мислам дека може да одигра на врвно ниво уште многу време. Воопшто да не нѐ чуди ако одлучи да игра и со новите репрезентативци. Може многу да се научи од него, има огромно искуство.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
(Интервјуто со Ванчо Димовски е објавено во 181. број на неделникот Република, 19.02.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top