Џоан К. Роулинг, како што објави во петокот BBC, на претставата ќе работи со реномираните театарски продуценти Сониа Фридман и Колин Календер, иако сама нема да го пишува текстот за претставата.
Приказната за детството на Хари Потер најверојатно ќе биде адаптирана и за театар, во претставата којашто ќе ја продуцира самата авторка на романот за малиот волшебник, Џоан К. Роулинг. Авторката на седумте романи за малиот волшебник изјави дека во текот на изминатите години добила „безброј предлози за адаптирање на приказната за Хари Потер за театарска продукција”.
„Визијата на Сониа и Колин беше единствената којашто за мене има смисла. Нивната визија има чувствителност, сила и интимност за коишто верувам дека се пресудни за пренесувањето на приказната за Хари на сцената”, додала Роулинг.
Претставата премиерно ќе биде изведена во Велика Британија, и ќе ја истражува „досега нераскажаната приказна за раните години на Хари додека бил сирак и бездомник”, велат двајцата продуценти, додавајќи дека сѐ уште се разгледува кој ќе пишува текстот за претставата и кој ќе ја режира. Непознато е исто така засега и кога би можела да се очекува премиерата.
Серијата од седумте романи на Роулинг за Хари Потер, објавени во периодот од 1997 до 2007 година во вкупен тираж од 400 милиони примероци, е преведена на 65 јазици во светот. Во 2011 година беше снимен последната серија од екранизацијата на книгите за Хари Потер, а Роулинг на своите поклоници им го претстави и онлајн проектот Pottermore, кој се базира на сижеа од книги и неиздадени епизоди, блaгодарејќи на што стана мултимилионерка
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.