Ден за ракометни порази на македонските екипи што настапуваат во европските купови. По ракометарките на Вардар кои се елиминирани од ЕХФ купот во Краснодар од Кубан, пораз од 19-23 претрпе и шампионот Металург во машка конкуренција во Лигата на шампионите. Подобар беше словенечкиот тим Горење во Велење.
Во цврст натпревар со малку голови, македонската екипа поведе со 5-2, но домаќините возвратија со серија од 7-2 и поведоа со два гола разлика. На одмор по првиот дел се замина со нерешен резултат 10-10, а клучна беше последната третина од натпреварот. Горење направи предност од 16-13 и докрај успеа да ја задржи и да слави значајна победа во битка за втората позиција во Ц групата од ЛШ.
Кјелце од Полска е лидер со 14 бода и натпревар помалку (во тек е мечот против С. Петербург), а сега Горење е на второто место со 12 бода, пред Металург кој има 10. Првопласираните 4 екипи од четирите групи ќе играат во осминафиналето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


