
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, по повод големиот христијански празник Рождество Христово Божиќ, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, како и до сите верници од православна вероисповед во земјава, во која се вели:
„Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Синодот, на Вашето ценето свештенство и монаштво, на сите православни верници на Македонската Православна Црква во Република Македонија и во светот, да Ви упатам срдечни честитки по повод големиот христијански празник Божиќ, со најискрени желби за добро здравје, општа благосостојба и мирен духовен живот. Овој голем христијански празник нека донесе љубов и мир меѓу луѓето, топлина во семејниот дом и поттик за надеж и верба во животот. Симболиката на Божиќ е во можноста да ја почувствуваме радоста на заедништвото. Нека во нашето секојдневие се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето, да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон сите наши познаници и да ги унапредиме нашите заеднички вредности. На овој начин, обединети и сплотени околу идеалите на овој празник, ќе можеме да чекориме по патот на создавање на дела и вредности од кои придобивка ќе има нашето општество и сите граѓани на Република Македонија. Нека деновиве на празнување бидат инспирација за секој од нас да го даде својот придонес во зголемувањето на свеста за значењето на љубовта, мирот, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


