Позицијата лев бек ќе биде проблем број 1 за ракометната репрезентација на Македонија на Европското првенство во Данска, што почнува на 12 јануари. Повредата на Филип Лазаров, кој на тренингот во Пореч скрши коска на дланката и нема да настапи на шампионатот, само ги зголеми главоболките на селекторот Ивица Обрван.
Одличниот Раде Стојановиќ бил контактиран пред да се состави списокот за ЕП, но тој одбил поради познатите несогласувања од Светското првенство во Хрватска во 2009 година кога поради кавга со селекторот Илија Темелковски, но и со браќата Лазарови, беше вратен дома.
Обрван се обиде да го врати Стојановиќ, кој игра во одлична форма, но левиот бек изјави дека завршил со настапите за репрезентацијата на Македонија.
Во таква ситуација најголемиот товар ќе треба да падне на Дејан Пецаковски, кој настапува за Металург, евентуално во напад да игра и неговиот клупски колега Велко Марковски, кој во последно време игра само во одбрана, или Никола Стојчевски да се прекомандува од позицијата среден во лев бек. Стојчевски настапува за шведскиот прволигаш Редбергслидс, а има играно и во Преспа, Вардар, во Осиек, Клуж и Пандури во Романија, потоа и во Металург, во ЦА во Тунис и сега во Редбергслидс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.