| четврток, 6 декември 2018 |

БИРН: Македонија потрошила речиси 10 милиони евра за одбрана на Бошковски и на Тарчуловски

Macedonian former interior minister Ljube Boskoski and former police chief, Johan Tarculovski, arrive in the courtroom of the UN war tribunal in The Hague

Македонските влади – оваа и претходната во која премиер беше Владо Бучковски од 2006 година, па до 2013 година потрошиле 9,5 милиони евра за одбраната, поддршката и за лобирањето на двајцата обвинети од Хашкиот трибунал за воени злосторства, Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски.

Ова го покажува истражувањето на БИРН, а кое се однесува на трошоците за одбрана на сите поранешни југословенски републики.

Поранешните југословенски држави потрошиле речиси 40 милиони евра јавни средства за поддршка на осомничените за воени злосторства во судските процеси пред Хашкиот трибунал.

Хрватска потрошила повеќе од 28 милиони евра за трошоци за одбрана на тројцата свои генерали, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, велат официјалните бројки до кои дојде БИРН.

infografika trosoci hag birn

Србија потрошила 1,7 милион евра државни пари од 2004 година до 2013 година, за личен надомест, за сметки за лекарите на обвинетите и за патни трошоци за нивните семејства, место за нивните тимови на одбрана.

Вкупно 640.000 евра биле дадени од Босна и Херцеговина како помош за обвинетите, но целата сума доаѓа од српскиот ентитет на БиХ, Република Српска, како помош за осомничените босански Срби. Пари биле донирани и за семејствата на обвинетите босански Срби, преку фондот „Помош“, иако нема јавно објавени бројки што ќе покажат колку точно средства биле собрани и како биле потрошени.

Вториот ентитет во БиХ, бошњачко-хрватската федерација БиХ, не дала ништо за да им помогне на осомничените Бошњаци или босански Хрвати, изјавија официјални лица.

Косово не платило ништо за неговите шестмина осомничени за воени злосторства, изјавија официјални лица за БИРН, освен 16.750 евра, дадени за прославата за пречек на осомничените, по нивното ослободување.

Сепак, повеќе од 1,5 милиони евра биле собрани како помош за двајца истакнати герилци на поранешната Ослободителната војска на Косово, кои по војната влегоа во политиката, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај, преку јавни повици за собирање на средства во тајни фондови.

Овие фондови, исто така, никогаш јавно не обелоденија пред своите донатори колку добиле или потрошиле. БИРН успеа да дојде до делумни бројки преку документи од МКТЈ (Меѓународнит кривичен трибунал за поранешна Југославија) и документи од случајот за корупција што се води во Приштина, а кој е врзан за наводно неправилно управување со фондот за Харадинај.

Во БиХ, Косово и Србија, податоците за ова истражување, БИРН ги доби по барање за пристап на информации од јавен карактер.

Македонија одби да даде какви било информации за тоа што платила како поддршка за своите двајца обвинети од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), а проценките на БИРН се направени врз основа на интервјуа и анонимни разговори со голем број официјални и законски извори.

Хрватска, и покрај законската обврска за слободен пристап до информациите, не даде никакви дополнителни податоци од веќе познатите за вкупно потрошени 28 милиони евра за одбрана на хрватските генерали.

Фондацијата за вистината за хрватската татковинска војна, нетранспарентен приватен фонд, формиран заради обезбедување помош за генералите и одбрана на нивните активности за време на војната, исто така, не објави никакви податоци, иако еден од нејзините промотери соопшти дека во првата година од своето постоење, Фондацијата собрала 1,1 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top