| четврток, 6 декември 2018 |

Промовиран мултимедијалниот проект „Ансамбал Мањифико – мит, легенда или реалност“ (фото)

manjifiko 2 (Custom)

Во Драмскиот театар во Скопје синоќа беше промовиран мултимедијалниот проект “Ансамблот Мањифико – мит, легенда или реалност”. Промоцијата ја направија издавачката куќа „Магор“, Дирекцијата за култура и уметност од Скопје и авторот Пантелеј Панче Кочовски. Беа презентирани монографија, двојно ЦД и ДВД.

manjifiko 3 (Custom)

– Музичкиот состав Мањифико е впечатлива музичка трага во културниот живот на Македонија. Оваа публикација подѕирнува во нивното и наше време, длабока и препознатлива трага, и тоа токму како мит, легенда или реалност. Периодот од 1959 до 1990 година, кога ансамблот е присутен на домашната и на странската музичка сцена, овозможуваше современата уметност да ги надминува и да ги прекршува националните рамки. Интерпретацијата на латиноамериканската популарна музика беше почеток што Мањифико потоа го претвори во сопствен и препознатлив звук, кој беше опоен нектар што привлече голем број љубители на оваа музика во земјата и пошироко во светот. Со репертоарот на стилизирана јужноамериканска музика Мањифико се искачи на едно универзално ниво. На таков начин беше пример за пример како вистинскиот свет на уметноста се вградува во културната синтеза на светот, а земјата станува мала и припаѓа на целото човештво – напиша проф. д-р Јован Дамјановски во рецензијата на оваа книга.

manjifiko (Custom)

Аудио и видеоцедето со избор од, инаку, мошне обемниот репертоар на Мањифико, приложено кон оваа монографија, ни открива дека воопшто не се цврсти границите на високата и популарната уметност, колку и да се инсистира на тоа. Дијатониката на јужноамериканската музика само навидум ја прави лесна за изведба, но, како и кај изведбата на Моцарт, и во тој вид музика најлесно се забележуваат грешките, а нив кај Мањифико, и најупорните тешко ќе ги најдат – стои во рецензијата напишана од Ванчо Димитров, музички рецензент и композитор.

manjifiko 4 (Custom)

Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top