
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Две фабрики пред вратата на рајот. Вратата се отвора на принцип на магнетна резонанција, со специјален сензорски домофон на кој се јавува свети Петар. Аавтоматски го одредува степенот на изминатата загаденост.
Едната фабрика притиска на копчето. Св. Петар се јавува и ја прашува:
– Имаш ли филтер?
– Немам.
– Па што бараш овде? Пробај на друга врата. Ако не ти отворат – назад во пеколот.
– Каде?
– Сега засега само во Скопје има место. Аплицирај. Ако не те примат, дојди пак за еден месец…
Другата фабрика:
– Имаш ли филтер?
– Имам.
– Нов или стар? (св. Петар инсистира на детали.)
– Од најновите.
– Верзија?
– Без лиценца, ама не загадува, туку прочистува, со гаранција.
Домофонот во истиот миг престанува да работи, се вклучува алармот за пожар. Св. Петар ја напушта озонската обвивка. Резултатот е неизвесен, иако фабриката се надева на добри резултати.
Нема епилог.
Нема ни филтер.
Луѓето се сопнуваат од камења, а не од планини.
Во воздухов деновиве цел периоден систем во каскади од смог, кисела слана, полна месечина, поларен студ. Загаденост во чекор со развојот на технологијата. Микрозагаденост во макрорамки – океаните му го враќаат ударот на копното! Планетава дише како еден џиновски организам и сето тоа што се случува во најоддалечениот агол на југ влијае на аглите на север, на исток и на запад.
Велат дека од сиот животински свет, единствено човекот умее да загадува.
Сме го населиле секој агол од Земјината топка, станува сè потесен изборот на ветената скриена земја што го чека својот заталкан Веспучи.
Од глобалното затоплување ни трага. На минус четири во сенка прст пред око не се гледа. Од Тафталиџе до Лисиче, 600 микрограми на кубен метар.
Во Центар и во Карпош азотниоксиди и разноразни Хигсови бозони со големина на лубеница лебдат низ воздухот.
Сосе валканата вода, без филтри за прочистување, се фрла и бебето.
Тоа дека не сме само тука и не сме само ние, претставува придушување на совеста. Фукушима, Амазон, Европа… сеедно, се намалува нивото на кислород… Водород… Убивање по периодниот систем на елементи, локално. Принципот на сврзани садови. Сè се прелева.
Бројките се застрашувачки: секој ден 14.000 луѓе умираат поради загадена вода. Околу 500 милиони Индијци немаат пристап до тоалет, и 580 Индијци умираат секој ден поради отровите во водата за пиење. Слично и во Кина: од загаден воздух за една година умираат 1,2 милиони луѓе. Во САД само 50.000.
Околу три милиони деца годишно (на возраст под пет години) умираат од болести предизвикани од загадена околина.
Инфраструктурата на градот Скопје по земјотресот во 1963 година, е направена за околу 200.000 луѓе. Денес оваа бројка е петпати поголема, а просторот е ист. Пренаселеноста, можеби, не е со истиот интензитет како во Исламабад, но секој ден станува сè потесно. Во некаков првичен урбанистички план, уличната мрежа, можеби, поддржувала бројка од 20, 30, или 50.000 ауспуси. Нивниот број во моментов е десетпати поголем. Тротоари речиси воопшто нема. Бензински пумпи, железарници, цементарници, тешки товарни возила, камиони, автобуси…. нафта, струја и огревно дрво. Чадот од оџаците на фабриките и тие на домаќинствата. Озонот станал апстрактна именка, а тешките метали секојдневна пречка за дишењето со полни бели дробови.
Ниеден систем во природата не функционира во изолација. Природата работи на принципот на хармонија. Рибите, пчелите, пеликаните, делфините, шимпанзата.
Единствено човекот во своите мегалополиси создава чад повеќе одошто може да се испрати во космосот. Да се рециклира пред да заглави во некоја меѓузона каде што ќе предизвика милион болести. Зошто? И уште, признанието на Би-Би-Си дека регионов, навистина, бил бомбардиран со сиромашен ураниум. И дека уште десет илјади луѓе треба да настрадаат како последица на нечиј проект наречен „фрли ги бомбите“. Тоа му доаѓа нешто како олеснителна околност во распространетата слика за глобалната сиромаштија. Демек, не било исто дали задушувањето ќе ти се случи во фрижидер или во гасна комора! Во целата мешаница единствено СЗО си го задржува пристојното ниво на лудило кога им препорачува на граѓаните да не ги отвораат прозорците! А што ако се работи за најновата верзија на „Виндоус“ (Windows)? Лиценцирана…? Сепак, проветрувањето останува лидер на антивирусните програми, барем на овие простори…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


