
Колумнист: Горан Момироски
Зар пак ќе нѐ оставите сами? Ова прашање, кое во разни форми ми го упатија неколку мои пријатели што живеат во Струга и во Кичево, е, всушност, најдобриот одговор на прашањето како голем дел од македонските граѓани го доживеаја последниот предлог на СДСМ за поголема независност на Секторот за јавна безбедност на локално ниво
Предлогот на лидерот на опозицијата даден викендов во Охрид покажа дека дел од македонските политичари сѐ уште не разбрале како функционира обичниот Македонец, кој еднаш веќе се почувствувал предаден. Без разлика на вистинските намери и на таканаречените проевропски трендови и искуства што се поддржуваат со вакви изјави, Заев и неговата партија мора да знаат дека секое споменување на можноста за промена на системот врз основа на кој функционира македонската полиција внесува немир во животот на малцинствата во доминантно албански средини.
Заев мора да знае дека по 2004 година и контроверзниот Закон за територијална поделба напишан и спроведен од СДСМ, со кој на вештачки начин беа скроени новите општински граници, македонското малцинство во Струга и во Кичево се чувствува предадено и оставено на немилост на локалните моќници. Во градовите во кои демографските трендови довеле малцинството на државно ниво да стане мнозинство на локално ниво ситуацијата е за нијанса поедноставна. Во Тетово и во Гостивар, каде што етничката структура се промени поради зголемената миграција кон главниот град и поголемата демографска активност кај Албанците, Македонците не чувствуваат толку голема разочараност, па дури и омраза кон дел од своите политичари, како што е случај со Струга и со Кичево.
Местото од каде што Заев го даде предлогот за поголеми ингеренции на локалната власт покажува дека СДСМ сѐ уште нема чувство какви последици за состојбата на духот има нивната одлука во 2004 година механички да ги спојат руралните Зајас и Лабуниште со урбаните Кичево и Струга и со тоа да направат историска грешка, за многумина дури и национално предавство.
Фактот што кампањата на опозицијата сѐ уште не го посетила Кичево, иако многумина би очекувале токму овој град, каде што е направена стратегиската грешка, да биде меѓу првите дестинации на карванот на СДСМ, доволно говори за далечината што постои меѓу опозицијата и македонското население во Кичево и во Струга. Впрочем, не случајно во овие два града во екот на најголемата караница меѓу ВМРО–ДПМНЕ и СДСМ се случи формална коалиција за градоначалничките и за советничките листи. Причината за тоа помалку е националната хомогенизација, а повеќе фактот дека локалните штабови на опозицијата сѐ уште не можат да заздрават по распадот на партискиот систем во 2004 година. Затоа, како што Заев смогна сили и пред еден месец отиде во Струга, треба да собере храброст и да замине во Кичево и на луѓето таму да им објасни дека барањето за децентрализација на локалната полиција не значи можност локалните шерифи и началници на полицијата да го толкуваат законот по свој вкус, како што голем дел од обичните граѓани го преведоа барањето на Заев.
Меѓу другите прашања што моите пријатели, исто така, живо ги поставуваат, а за кои одговор ќе треба да добијат од локалните претставници или од централата на партијата, е и тоа дали СДСМ, кога еден ден ќе дојде на власт, ќе дозволи локалната власт целосно да ја контролира полицијата на локално ниво. Моите тврдења дека тоа е самоубиствено и дека не е можно опозицијата да размислува во тој правец затоа што со тоа директно се поттикнува федерализација, не е доволно за луѓето, кои, најчесто, вестите не ги проверуваат низ повеќе филтри туку веруваат на тоа што ќе слушнат на телевизија. Целосно објаснување за планот и за идејата на СДСМ ќе мора да даде тој што ја смислил и ја предложи мерката што, наводно, треба да им го олесни животот на граѓаните во општините.
Заев и неговиот штаб во исто време треба да објаснат и зошто оваа идеја во јавноста се промовира во период кога во Струга и во Кичево, но и во неколку други градови систематски се прават обиди да се демонстрира моќ и бесправно, без никакви дозволи, надвор од законот и од обичајното право се градат споменици, се ставаат јарболи со знамиња на странски држави. Струга и Кичево се двата града од кои во последниве неколку години се случува најголемото иселување на Македонците, пред сѐ на младите луѓе, кои поради стравот дека како малцинство нема да можат да дојдат до работа и поради општата економска и социјална состојба, барањето на Заев го доживуваат како алиби за напуштање на вековните огништа. СДСМ не мора да води национална и популистичка политика , добредојдена е и либерална или граѓанска стратегија, но, во секој случај, мора да води сметка за своите граѓани и тоа за најранливите, кои покрај безработицата, се соочуваат и со дилемата дали поради иднината на своите деца треба да го напуштат својот дом и да побараат среќа на друго место.
Каква порака сакаше да упати најголемата опозициска партија со идејата за децентрализација на Секторот за јавен ред и мир, како што го нарекува Заев делот од полицискиот апарат што се занимава со одржување на јавната безбедност? Ако проблемот е тоа што централната власт има преголеми ингеренции во општините каде што на власт е СДСМ, како на пример Струмица или Куманово, тоа во никој случај не смее да влијае на општата состојба во целата земја. Ако е проблемот во одредбите за начинот на кој се избираат полициските началници во согласност со Охридскиот договор, подоцна вткаен во Уставот, тоа, исто така, не смее да биде причина поради која ќе се урива еден од ретките национални механизми што даваат сигурност дека државата нема да ги остави своите граѓани на цедило. Меѓупартиските релации не смеат да влијаат на чувството на страв, кое е сѐ почесто меѓу малцинствата на локално ниво. Исто како што пред неколку години еден министер за одбрана во обид да му ги скрати ингеренциите на началникот на генералштабот, кој се поврзуваше со опозицијата, излобира промена на Законот за одбрана, па сега во Авганистан испраќаме неподготвени војници и се срамиме пред НАТО.
(објавено во 66. број на неделникот „Република“, 6.12.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


