Легендарниот германски тенисер Борис Бекер во наредната сезона ќе го засили стручниот штаб на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, во главна улога на тренер.
Бекер во наредните денови ќе му се придружи на тимот кој го сочинуваат Марјан Вајда, Милан Амановиќ, Саша Јездиќ и Гебхард Фил Грич и ќе ги почнат подготовките за првиот гранслем-турнир во новата сезона.
– Пресреќен сум што ќе имам можност да работам со Борис Бекер и верувам дека неговото огромно искуство и познавање на тенисот ќе ми помогнат во мојата намера да освојам што повеќе титули во наредната сезона. Верувам дека ќе биде одлично и дека брзо ќе се вклопи во нашиот тим бидејќи станува збор за прекрасен човек. Со него во нашиот тим мислам дека во наредната сезона ќе направиме добитна комбинација. Целта во наредната сезона ни е освојување на титулите од гранслем-турнирите и мастерсите 1000 – рече Ѓоковиќ.
Борис Бекер е поранешен светски рекет број еден, а во неговата богата кариера остварил 713 победи и освоил 64 титули од АТП.
– Голема чест и задоволство ми е тоа што Новак ме повика да бидам неговиот главен тренер и се радувам на нашата идна соработка. Ќе направам сѐ што можам за да му помогнам да освои нови гранслем и други титули. Сигурен сум дека можеме да оствариме големи резултати – вели Бекер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


