Филмовите „Дванаесет години ропство“ во режија на Стив Меквин и „Американски измамници“ во режија на Дејвид Расел освоија најмногу номинации, по седум, за 71. доделување на „Златен глобус“.
„Дванаесет години ропство“, филм снимен според вистинска приказна на слободен црнец продаден во ропство, е номиниран во категориите за најдобра драма, режија, сценарио и музика, а на Чуетел Еџиофор му ја донесе номинацијата за најдобар драмски актер, додека Мајкл Фасбиндер и Купита Нионг’о се номинирани во категориите за најдобри споредни улоги.
Комедијата на Дејвид О. Расел „Американски измамници“ е номинирана во категориите најдобри комедија/мјузикл, режија, сценарио и во сите четири актерски категории. Кристиан Бејл и Ејми Адамс се номинирани во категориите за најдобри машка и женска глава улога во комедија, а Бредли Купер и Џенифер Лоренс во категориите најдобри машка и женска споредна ролја.
Покрај „Дванаесет години ропство“ во категоријата најдобра драма се номинирани и филмовите „Капетан Филипс“, „Гравитација“, „Филомена“ и „Трка за живот“, додека за најдобра комедија, покрај „Американски измамници“ конкурираат и филмовите „Таа“, „Во главата на Левајн Дејвис“, „Небраска“ и „Волкот од Волстрит“.
Во категоријата најдобар драмски актер, освен Чуетел Еџиофор, номинирани се и Идрис Елба за „Мандела: долг пат до слободата“, Том Хенкс во „Капетан Филипс“, Метју Маконахеј во „Добрите дилери од Далас“ и Робет Редфорд „Сѐ е изгубено“, додека во категоријата најдобри актерки се номинирани Кејт Бланшет во „Џасмин Френч“, Сандра Булок во „Гравитација“, Џуди Денч во „Филомена“, Ема Томпсон во „Како е спасен господинот Банкс“ и Кејт Винслет во „Викенд на животот“.
За „Златниот глобус“ за најдобар актер во комедија или мјузикл, покрај Бејл и Адамс, конкурираат и Брус Дерн во „Небраска“, Леонардо ди Каприо во „Волкот од Волстрит“, Оскар Ајсак во „Во главата на Левајн Дејвис“ и Жоакин Феникс во „Таа“, додека во женската конкуренција се Џули Делпи во „Пред полноќ“, Грета Гервик во „Frances Ha“, Џулија Луис-Дрејфус во „Enough Said” и Мерил Стрип во „Август во округот Осага“.
За најдобар режисер се ниминирани Алфонсо Кураор за „Гравитација“, Пол Гринграс за „Капетан Филипс“, Александер Пејн за „Небраска“, како и Стив Меквин за „Дванаесет години ропство“ и Дејвид О. Расел за „Американски измамници“.
Во конкуренција за најдобар анимиран филм се „Крудс“, „Гру на супертајна задача“ и „Снежното кралство“ .
За „Златен глобус“ во категоријата филм на странски јазик ќе се натпреваруваат францускиот филм „Животот на Адел“, италијанскиот „Големата убавина“, данскиот „Лов“, иранскиот „Минато“ и јапонскиот „Ветрот се подигна“.
За титулата најдобра драмска телевизиска серија конкурираат „На пат кон надолу” (Breaking Bad), „Доунтон Аби“ (Downton Abbey”), „Добра жена” (The Good Wife), „Куќа од карти” (House of Cards) и „Господари на сексот“(„Masters of Sex”), а за најдобра телевизиска комедија конкурираат „Теоријата на големиот тресок”, „Бруклин 9-9“, „Девојки”, „Модерно семејство” и „Паркови и рекреација“.
Иако тоа беше очекувано, без номинација остана Лана Дел Реј, иако нејзината „Young and beautiful“ беше на скоро сите светски музички листи. Златниот глобус остана и без култниот режисер Мартин Скорсезе, како и без номинација за многузборуваниот филм со Опра, „Батлер“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


