
Обетките, кои се од непроценлива вредност, а кои ги красат и македонските банкноти од 500 и од 1.000 денари, се меѓу исчезнатите предмети од Музејот на Македонија, дознава „Дневник“.
Станува збор за исклучително важни предмети кои немаат само археолошка вредност, туку и голема културно-историска важност за земјата со оглед на фактот дека биле издвоени како предмети да бидат поставени на аверсот и на реверсот на македонските банкноти.
Не е познато каде се наоѓаат овие артефакти, дали се во Македонија или се продадени и прошверцувани надвор од земјава, со оглед на фактот дека не се знае кој и кога ги зел предметите од Музејот.
Според информациите на весникот, од најмалку 160 предмети за кои постои документација дека се исчезнати од Музејот, истражните органи утврдиле дека недостигаат четири исклучително важни артефакти. Станува збор за златна обетка со приказ на Ерос и Амор, златна обетка со приказ на гулабица (прикажана на аверсот и на реверсот на банкнотата од 1.000 денари), златна обетка со приказ на лавовска глава и нецелосна златна обетка со чунеста форма, украсена со гранулации и палмети на која од горната страна има сфинга која седи (прикажана на аверсот и на реверсот на банкнотата од 500 денари). Последниот предмет потекнува од ископување од 1964 година од локалитетот познат како Црквиште во битолското село Беранци.
Инаку, претходно во врска со кражбата со соопштение се огласија и кустосите вработени во Археолошкиот музеј при Музејот на Македонија. Од соопштението може да се заклучи дека крадците избирале што ќе украдат, земале само цели предмети, а оштетените ги оставале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


