| четврток, 6 декември 2018 |

Милиќ е џамбо-џет на голот на Вардар

Страхиња Милиќ брани феноменално на голот на македонскиот ракометен првак Вардар, а комплименти за неговите интервенции стасаа и од Шпанија, земјата каде се игра најдобриот ракомет на планетата. Колегите новинари од „Ас“ напишаа дека тој е еден од најдобрите голмани што гостувал во „Блауграна“ и бранел против Барселона. Запишани му се неверојатни 19 одбрани, со едната од нив, кога го фати „жив“ крилниот ракометар Томас, го заслужи местото во Топ-5 нај-одбрани на седмото коло во Лигата на шампионите. Во „директен“ дуел, иако Вардар загуби од Барселона со 23-30, Милиќ го засени својот идол Арпад Штербик.

Интересно, по вторпат му се случува, тој да е во одбраното друштво на најдобри голмани во ЛШ, а Вардар да загуби. Така беше и против Динамо Минск и со Барселона.

-Подобро ќе беше да не одбранев ниту еден удар против Барселона, а да победевме. Сепак, тие се веројатно најдобриот тим во Лигата на шампионите и против таков моќен состав тешко се игра. Не разочаравме, напротив биевме битка гради в гради со клуб што е најтрофеен на планетата по бројот на титули во Лигата на шампионите. Ги гледаш на телевизија и им се восхитуваш на Карабатиќ, Лазаров, Рутенка…, врвни мајстори на ракометот и одеднаш треба да браниш против нив. Јас не се возбудувам премногу, не сум импресиониран од противниците, иако ги почитувам. Можеби затоа бранев ладнокрвно, без страв, пред публика што веројатно дојде да види кој е тој тим што одигра нерешено против големата Барселона. Верувам дека се претставивме во добро светло. Впрочем такви беа коментарите по мечот и на ракометарите на Барселона. И само да ве корегирам, а да не звучи нескромно. Имав точно 21 одбрана. – вели Милиќ.

Има 23 години, а вели дека сака да остане во Вардар до крајот на кариерата. Во Скопје и Македонија му се допаѓа тоа што ракометот е постојано на високо ниво.

-По победата против Металург, ланската сезона и освојувањето на титулата, реков дека сакам да останам доживотно во Вардар и се уште мислам така. Ги имаме најдобрите навивачи на планетата, ми се допаѓа целата атмосфера, а немам дилема дека ракометот е спорт број 1 во Македонија. Настапував во земји каде се цени ракометот, како во Србија кога бев член на Партизан, потоа и во Данска за Силкеборг, но атмосферата овде кај вас е нешто што е специјално, нешто што ретко се доживува на ракометни натпревари- додава Милиќ.

Има интересен прекар Џамбо, кој го добил во детството, при вообичаените улични спортски „пресметки“.

Поопширно за тоа како и зошто го добил прекарот, што мисли за дерби натпреварите против Металург, кои се најопасни бомбардери во Лигата на шампионите и за сите останати познати и непознати детаљи од кариерата на Милиќ прочитајте во печатеното издание на неделникот „Република“.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top