Историјата ја пишуваат победниците, гласи старата римска поговорка, а ние би додале – а кој друг би ја пишувал. Никој не е имун од фризирање и од замачкување на настаните на даден историски период, па не е ни Македонија. Некогаш само мала анализа ја открива фарсата, често спротивна на простата логика. Овој пат ќе фрлиме поглед на фамозното запленување на воената евиденција на ЈНА во 1991 година, со што била спречена мобилизацијата на воените обврзници во војните во Хрватска и во Словенија, повлекувањето на ЈНА сосе целото оружје од територијата на Македонија и евентуалното напуштање без крв на СФРЈ, со што нашата земја, среде југословенскиот пекол, беше опишувана како „Оаза на мирот“. Ова е и денес, а најверојатно и утре ќе си остане официјалната историја на Македонија.
Зошто е „запленета“ воената евиденција?
Во дадениот контекст, најверојатно, ова прашање звучи чудно, но не и кога ќе се погледне документот од старите броеви на „Службени весник на СФРЈ“ од 1981 година, до кој дојде „Република“. Но, за тие што не знаат: Во првата половина на 1991 година државното раководство соопшти дека Воената полиција на ЈНА претресува станови и куќи низ државата барајќи ги Македонците дезертери што одбиваат да служат во ЈНА. Државата тогаш им советуваше на младите регрути да бегаат, да се кријат како што знаат и умеат. Тогаш во собраниските кулоари и во државните медиуми се споменуваше името на генералот Миле Ружиновски, Македонец со највисок чин во ЈНА и член на Генералштабот, како човек што ќе ги уапси македонските функционери. Истата година во август, како што известија тогашна „Нова Македонија“ и „Вечер“, македонската полиција извршила упад во канцелариите на Републичките секретаријати за народна одбрана и ја запленила воената евиденција, со што, наводно, се спречила мобилизација на воените обврзници и регрутација од Македонија. Тој месец биле совладани чуварите на воените складови кај Визбегово, од каде што биле запленети муниција и оружје. Помалку е позната акцијата за спасување на еден војник Македонец, кој бил стражар во кичевската касарна. Наводно, полицајци облечени во цивил го грабнале и му рекле да дојде со нив за да не го испратат на боиштата во Хрватска. Генералот Милутин Кукањац (истиот што подоцна ќе ја почнеа опсадата на Сараево), командантот на Третата армиска област на ЈНА (под чијашто надлежност била Македонија) овие настани ги оквалификувал само како „атака на мирот“.
Колку од овие факти малку држат вода се гледа од неколку документи (воопшто не се потребни историски сведоштва). Првиот документ сведочи за тоа како е организирана воената евиденција на ЈНА. Ова е објавено во „Службен весник на СФРЈ“ од 30 декември 1981 година во делот под наслов „Правилник за вршење на воената обврска“. За нашава тема битен е членот 4 каде што по точка 2 се вели: „командите, штабовите, единиците и установите на вооружение сили на СФРЈ за воените обврзници што се наоѓаат кај нив на воена служба, како и за воените обврзници што имаат воена распоред кај нив располагаат со воената евиденција“. Со други зборови, ова значи дека заплената на воената евиденција од подрачните единици на Секретаријатот за народна одбрана не значи – ништо.
ЈНА си имала сопствена воена евиденција по која можела да врши мобилизација на македонски воени обврзници.
И додека државното раководство загрижено гледаше на судбината на македонските воени обврзници во ЈНА и тврдеше дека воената полиција се подготвува да ги уапси, во тогашната македонска јавност беше игнориран фактот дека првата Влада на Македонија го има под свое цело МВР, кое, пак, 24 часа внимаваше на нивната безбедност. Од друга страна, Македонија преку својот претставник во Претседателството на СФРЈ гласаше за одлуката за целото оружје на тогашната Територијална одбрана на републиките да биде пренесено во магацините на ЈНА.
Цела АРМ во битка за Хрватска
Можеби уште пофарсичен податок за настаните од овој период открива хрватската домобранска (бранителска) организација, која повикувајќи се на податоци од архивите на ЈНА, тврди дека во југословенските војни учествувале вкупно 9.000 македонски војници. Ова беше вкупната бројка на составот на АРМ до пред укинувањето на воената обврска во 2005 година, односно двојно повеќе од сегашниот состав на АРМ, кој има 4.500 припадници. Официјално, од овие 9.000, во војните во Хрватска, Словенија и во Босна загинаа 42 македонски војници. Во оваа бројка ги нема ранетите, како и тие македонски војници што починаа од разни болести по враќањето дома како последица на борбите, особено поради разните дроги што им беа ставани во храната (ова посебно се однесува на војниците што учествувале во нападот на Вуковар). Колку за споредба, Словенија загуби шест војника во судирот со ЈНА.
Колку оружје повлече ЈНА
Од територијата на Македонија ЈНА однесе: 350 борбени возила (тенкови, оклопни транспортери и воени возила на пешадијата), 400 парчиња артилериско оружје (топови и хаубици), 35 воени и школски авиони, пет хеликоптери, 410 парчиња различно противавионско оружје, 284 ракетни системи за ПВО и 1.692 ракети, радарите од Битола, Фурка кај Валандово и од Голак кај Делчево, 109.000 парчиња различно пешадиско оружје (пушки, пушкомитралези, митралези, пиштоли, разни фрлачи, минофрлачи и друго), три моторни патролни чамци, 160 инженерски машини (ровокопачи, дозери и сл), 637 минополагачи и миноистражувачи, 113.000 кг експлозив, околу 450.000 различни противпешадиски мини, 4.200 средства за врски (радиоуреди, телефонски централи, возила за врски и друго), 223.000 средства за АБХО (заштитни маски, дозиметри, прибор за деконтаминација), 160.000 парчиња интендантски средства (пералници, шатори, униформи, прибор за јадење), 1.800 различни невоени возила, 1.424 патнички, интендантски и други моторни возила, 310.000 парчиња конзервиран оброк, резервите на нафтени деривати, прехранбени артикли, лекови, муниција, експлозивни и други убиствени средства и дел од добитокот од фармите во Петровец и во Криволак.
Кој не го сакаше оружјето на ЈНА?
Конечно, на крајот, на 21 февруари 1992 година во Скопје е склучен договор меѓу претседателот Киро Глигоров и заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФРЈ, Благоја Аџиќ, за дислокација на ЈНА од територијата на Република Македонија. Притоа е договорено дека ЈНА ќе го повлече со себе сето оружје, ама ќе ги остави нечепнати касарните и граничните караули. Ова беше објаснето како залог за мирот од Киро Глигоров.
Подоцна се покажа дека во ЈНА не го сакале оружјето од Македонија, пред сѐ затоа што – не им било потребно. Поголемиот дел од ова оружје по само шест месеци било уништено во околината на Ниш во Србија. Во 1999 година Бугарија ѝ подари 80 тенка од моделот „т-55“, кои подоцна беа уништени, само колку да се спаси од уништувањето на ова старо оружје, процес што е многу скап. Касарните на ЈНА во Македонија, кои требаше да бидат оставени нечепнати на македонската полиција, беа во очајна состојба, со искорнати кабли, искршени ѕидови и со руинирана инсталација. Малку е познато дека овие касарни беа минирани, токму како последица на спасувачките акции на припадници на МВР. Според сеќавањата на првиот началник на АРМ, Митре Арсовски, била минирана штипската касарна, но пензионирани генерали на ЈНА со кои разговараме велат дека таква била ситуацијата и во струмичката и во кичевската касарна.
(Пишува: Александар Божиновски
Текст објавен во 4. број на неделникот „Република“, 28.09.2012)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.