Во својата нова книга „Улогата на САД во македонската голгота од 1991 година до 2013 година“ Никовски, кој како висок функционер во македонското МНР бил директно вклучен во процесот на признавање на Македонија во ОН, поврзувајќи низа настани и факти го промовира својот став дека улогата на Америка во настаните од независноста на земјата е претежно негативна. Наспроти огромен дел од креаторите на јавното мнение, кој дури и да мисли како Никовски молчи во обид да избегне конфронтација со „пријателите преку океанот“, поранешниот амбасадор на Македонија во Москва својата првична препорака за протерување на Филип Рикер ја преточи во збир на документи и факти, кои сведочат за едно поинакво доживување на активноста на САД во Македонија.
Вашата нова книга „Улогата на САД во македонските голготи (1991 – 2013)“ предизвика голем интерес во јавноста. Кој беше поводот да се напише?
Никовски: Откако стана самостојна држава, Македонија веќе преку 20 години минува низ тешки голготи. Врз неа се кршат многубројни меѓународни норми, принципи, процедури, практика… та дури и правни рамки. Поради Македонија флагрантно се прекрши Повелбата (Уставот) на ООН; се игнорира пресуда на Меѓународниот суд за правдата од Хаг; не важат копенхашките критериуми; не се почитува Привремената спогодба, договор регистриран во ООН, што е нешто свето за целиот западен свет… Покрај тоа, со цел земјата да колабира и да капитулира, апсолутно нелегално, преку две години беа блокирани нејзините граници…
Веќе предолго, Македонија се држи на работ од длабока бездна, што мора да нѐ загрижува. Не смееме да ја држиме главата в песок, без оглед кој е од другата страна на барикадата. Ако не ѝ погледнеме на вистината в очи, немаме изгледи да опстанеме, туку постепено ќе пропаѓаме. Ќе се вртиме во маѓепсан круг, без изгледи за успех.
Така некако изгледа сегашната ситуација.
Периодот по распадот на Југославија и тешкотиите во афирмацијата на современата и самостојна македонска држава е малку истражуван досега. Проблемите со кои се соочуваме сите овие години се огромни, во голема мера неочекувани, главно ни се наметнати и, што е најстрашно, не се наѕира решение. Каде го гледате излезот од ќор-сокакот?
Никовски: Книгата е обид за анализа на причините што ја држат Македонија во заложништво на туѓи интереси. Ова е само првичен чекор во таа насока и треба да биде провокација, или предизвик, за подлабоки и посуштински согледувања на сите факти, причини и последици, кои ја доведоа земјата во сегашниот ќор-сокак. За таа цел се потребни многу подлабоки и посеопфатни истражувања за да се согледаат сите финеси на разновидната политика, која има (или имаше) директно влијание врз земјата целиот овој период.
Наивно и неодговорно е за сѐ да се обвинува Грција. Таа, секако, има своја улога во целиот случај, ама клучот не е во Атина. Таму е лиценцата за спорот, ама не и менаџментот. Решението – најмалку. Ние никогаш нема да се договориме со Грција за нешто прифатливо за Македонија.
Има многу, секако, намерни манипулации за да се затскрие вистината. Крајно недозволиво е што и некои луѓе во земјава се во недоумица што (ни) се случува. Или само така се прават ама затоа се многу гласни. Секако дека има и такви што се инструирани, веројатно и платени од надвор за да создаваат дефетизам. А ако веќе дома не сме расчистиле што е што, како можеме да го убедиме светот за суштината на проблемот и за целта што треба да се постигне?

Всушност, што ни се случува? Дали е во прашање само името на државата или нешто друго, многу посуштинско? Дали, впрочем, држат обвинувањата дома дека самите сме виновни за отворањето на идентитетските прашања?
Никовски: За да се сфати проблемот со нашето име прво треба да се расчистат две клучни работи.
Првата работа е дека целта, од самиот почеток, е промена на идентитетот на македонскиот народ, а името на државата е само начин како тоа најлесно да се постигне. Зар некому сѐ уште не му е јасно дека Атина не прифаќа постоење на Македонци надвор од Грција? Дека тие нема да се согласат со никакво решение што нема да води во прекрстување на нашиот народ? Тоа веќе отворено го говорат. Велат (Папуљас, Самарас…) дека не сме го узурпирале само името на државата, туку и на народот, јазикот… Што треба да ни кажат повеќе? Едноставно, тие сакаат монопол на брендот „Македонија“ а тоа, да бидеме начисто, не може без придавките „македонски/а/о“. Сето тоа оди заедно. Има ли нешто спорно во сето ова? Нема! А ако е така, а така е, тогаш прифаќање на какво било име за меѓународно користење значи и откажување од сопствениот идентитет. Од тој миг, за светот „Македонци“ ќе бидат тие што се измислени од Грција.
Со други зборови, се прави сѐ за дефинитивно да се затвори таканареченото „македонско прашање“, кое е повторно отворено по 100 години. Тоа може да значи само бришење на Македонците. Ништо друго.
Втората работа е дека, од самиот почеток, менаџер на случајот е – Вашингтон.
Без да се разберат овие основи на проблемот, тешко може да се оди напред.
Кои се фактите и аргументите во прилог на овие сериозни тврдења?
Никовски: Еве, да се обидеме да ги „докажеме“ двата главни фундамента.
Иако Македонија, според Бадентеровата комисија, ги исполни критериумите за признавање од страна на ЕЗ (ЕУ), со силеџиско инсистирање на Германија (МНР, Геншер), беше призната Хрватска (1992). Грција немаше улога во тоа.
При приемот во ООН (1993), Советот за безбедност (СБ) на ООН ѝ го суспендира уставното име на земјата и ѝ наметна референца. Грција не беше членка на СБ, а таму главен „играч“ секогаш беа – САД. Во 1993 година тоа беше особено нагласено бидејќи Русија беше во аут поради хаосот во земјата. Ако САД веќе и не беа главни носители на обезличувањето на Македонија, тоа не можеше да помине без нивна целосна поткрепа. САД не мораа да користат вето, можеа, едноставно, да го спречат тоа. Ако не го направија тоа, значи дека им одговараше.
Впрочем, процедурата беше и нелегална: се игнорираше Повелбата на ООН, а тоа беше можно само под диригентска палка на – Вашингтон. Никој друг не може да го направи тоа. Ниту сите други членки на СБ – заедно!
Во нелегалната процедура за прием беше одредено и посредување од страна на ООН. Прв посредник беше Сајрус Венс. Паралелно, од 1994 година до 1997 година, во процесот беше вклучен и Нимиц, како специјален пратеник на претседателот на САД, Бил Клинтон! Подоцна, тој го наследи Венс. Очигледно на инсистирање на САД, посредниците беа – Американци. Зошто? Или, зошто Клинтон имал и свој личен претставник во посредувањето? Од каде толкав интерес на САД за овој проблем? Случајно?
Првите шест земји на ЕЗ (ЕУ) ја признаа Македонија на 16 декември 1993 година и веднаш воспоставија дипломатски односи. Набргу испратија и амбасадори. САД ја признаа Македонија на 9 февруари 1994 година. Речиси две години по признавањето на Словенија, Хрватска и на БиХ. За воспоставување дипломатски односи им требаа уште цели 19 месеци. Тоа го направија на 13 септември 1995 година. Амбасада во Скопје отворија во февруари 1996 година, а амбасадор испратија на крајот од јули истата година. Четири години по Загреб, Љубљана и Сараево. Зошто толку чекање?
Ако европските амбасадори (германски, британски, француски, италијански…) беа во Скопје од првите месеци на 1994 година, зошто американскиот чекаше уште две и пол години за да дојде? Ако е во прашање солидарност со Грција, Европа е двојно обврзана за тоа – и преку НАТО, и преку ЕУ (САД само преку НАТО) и, сепак, испрати амбасадори. САД чекаа, чекаа… Значи, калкулираа, калкулираа… Зошто?
Инаку, во дипломатијата, признавањето на државата и испраќањето амбасадор се основни показатели на третманот на државата и на политиката кон неа.

Нагласеното залагање на претседателот Џорџ Буш на самитот на НАТО во Букурешт (2008) Македонија да биде примена за членка звучи контрадикторно на сето ова. Каде е вистината?
Никовски: Само првиот впечаток е контрадикторен. Факт е дека Буш јавно и неспорно се заложи и Македонија да стане членка. За жал, за помалку од 24 часа, беше демантиран. Тоа, сепак, не е заслуга на Атина. Тој сакаше и со Македонија да се заокружи јужното крило на НАТО, како негов успех, ама неговата администрација не сметаше така бидејќи тој беше на крај од мандатот. Ако беше на почеток или, барем, на средина – Буш, најверојатно, ќе успееше во својата намера.
Проблемот беше во фактот што, претходно, аналитиката во Вашингтон (точно!) пресмета дека ако Македонија влезе во алијансата (и во ЕУ), дури и со референцата, прекрстувањето на народот ќе стане невозможно. И ние би биле внатре. Заклучокот бил – тоа мора да се спречи по секоја цена. Има докази за тоа. Така и бидна. Буш си замина, администрацијата – остана.
Меѓутоа, Букурешт е уште позначаен по целосниот пресврт, кој таму го доживеа политиката кон Македонија. Место членство, што ѝ гарантираше Привремената спогодба, на земјата ѝ беше поставена целосна блокада, со уцена и ултиматум – прво името, потоа членство.
Грција има неколку начини за да го спречува членството на Македонија во НАТО. Ама, ако некој верува дека тоталниот пресврт и новата, крајно непринципиелна политика на НАТО (следен од ЕУ) кон Македонија е нејзино дело, тоа може да значи или наивност, или краен аматеризам, или целосно непознавање на механизмите на меѓународната политика. Такви промени во НАТО можат да реализираат само – САД. Никој друг. Атина, најмалку.
Да се вратиме малку на 2001 година. Вие тврдите дека и зад војната стоеја американските интереси?
Никовски: Сите факти и аргументи водат кон таков заклучок. Тие се презентирани во книгата. По распадот на Југославија, за првпат во историјата САД стапнаа на Балканот и својата улога ја градат во широко партнерство со Албанците. Предиспозицијата, веројатно, беше заедничкиот интерес да се урне Милошевиќ. Резултат е – независно Косово, постигнат со нелегална воена сила, што создаде нова геополитичка ситуација во регионот. Прва жртва на американските интереси на Балканот беше Србија, а втора е Македонија, чијашто најнова голгота сѐ уште трае.
Познато е дека првите три месеци од војната, во 2001 година, силите на ОНА дневно доаѓаа од Косово и се враќаа на Косово правејќи зулум во земјата. Паралелно, штабот на ОНА беше во Призрен. Ако се знае дека тогаш на Косово имаше преку 50.000 војници на НАТО, од кои најголем дел беа Американци; ако е неспорно дека таму беа најшироко и најдлабоко распослани и ЦИА и сите американски тајни и полутајни безбедносни служби – можно ли е ОНА таму да се организира, подготвува и така да оперира, без нивно знаење? Нема ниту теоретски шанси за такво нешто. Та не се Американците толку глупави и слепи! Напротив! А ако знаеја и го толерираа тоа, нели значи и дека, во најмала рака, и го поддржуваа?
Ако на тоа се додаде дека ОНА, макар првичната, е создадена од припадници на Косовскиот заштитен корпус (армија), од каде дојде и началникот на генералштабот, Газим Острени. Тој, иако веќе во ОНА, уште некое време примал плата од ООН!? Каков поголем доказ треба за инволвираноста на САД во војната? Да потсетиме и на улогата на МПРИ во Скопје и во Приштина (поточно во ОНА). А 17 Американци од редовите на ОНА „евакуирани“ од Арачиново?…
Доказите се многубројни, ама се потребни уште многу истражувања за да се дојде до сите детали. Огромен број од странските аналитичари се согласуваат дека војната од 2001 година е дело на САД.

Што понатаму? Ако е точно дека САД го менаџираат процесот, што треба да преземе Македонија? Дали да го прекине посредништвото на Нимиц? Дали да оди во ООН и да бара исправање на неправдата, преку Генералното собрание (ГС)? Има ли, на крајот од краиштата, изгледи за успех?
Никовски: Нема успешна терапија без точна и прецизна дијагноза. Ние прво мораме да ѝ погледаме на вистината в очи и дури потоа да градиме стратегија. Дефинитивно, клучот на проблемот не е во Атина туку во Вашингтон. Македонија нема друг избор освен да успее. Тоа нема да биде ниту лесно, ниту брзо. Посилен противник од другата страна не е замислив. Слично беше и во Виетнам, каде што имаше повеќе од 650.000 врвновооружени американски војници, спроти голорак, сиромав народ, ама правдата победи. Упорноста и посветеноста секогаш даваат резултати. Така мора да биде и во нашиов случај. За нас е исклучително важно дека не можат да успеат во разнебитувањето на Македонците бидејќи тоа ќе значи нова крвава војна. Од таа гледна точка, позитивни се дури и аспирациите на Бугарија и на Грција кон Македонија бидејќи и тие нема да дозволат да успее американскиот план за албанизација на земјата.
Посредништвото на Нимиц не смее да се прекинува бидејќи тоа ќе ја девалвира нашата позиција. И покренувањето процедура во ГС на ООН не е реална опција за враќање на уставното име во светската организација, иако е тоа процедурално можно. Во таков случај, повторно САД, а и не мора тоа да бидат тие, ќе го прогласат проблемот за безбедносен, што значи дека ќе мора да помине преку СБ. Со еден таков потег, ние би се конфронтирале со главните членки на Советот, а тие повторно ќе треба да решаваат.
Со оглед на тоа дека посредништвото е веќе евидентно потрошено и без изгледи за успех, ние треба официјално да бараме од генералниот секретар на ООН предметот да се врати на СБ! Треба да разработиме аргументирана елаборација, што воопшто не е тешко, дека грчките причини за оспорување на нашето име од 1992/93 година (Самарас), се покажаа како лажни и неиздржани и дека, врз основа на тие факти, треба да ни се врати името за комуникација во ООН. Во истиот пакет, треба да се извести СБ дека Грција не ја почитува пресудата од Хаг, како дополнителна димензија во наша корист. Инаку, покрај општата задолженост на сите членки на ООН да ги почитуваат пресудите од Хаг, Атина се има и дополнително, писмено обврзано дека ќе го прави тоа. Така постапиле само 60 членки.
Паралелно, по најверојатниот неуспех за добивање датум во декември, Грција треба повторно да се даде на судот во Хаг за спречување членство во ЕУ. За НАТО веќе имаме пресуда, а новата повторно ќе ја засили нашата позиција. Три, четири години бргу ќе поминат и проблемот сѐ уште ќе биде тука, нерешен. Од друга страна, новата апликација во Хаг ќе ги мотивира Вашингтон и Брисел да бараат итно решение. Првата пресуда е огромен товар за нив, иако се упорни во нејзиното негирање. Со непочитувањето на Судот, тие се ставија надвор од меѓународниот правен поредок. Исто како и терористите!
Македонија ќе успее ама мораме да издржиме. И без НАТО, и без ЕУ, земјата може успешно да се развива уште 100 години. Во спротивно, ако се разнебитат Македонците, ако ги снема од светската сцена со прекрстување, оваа држава веќе не е потребна. Тоа ќе биде искрата што ќе го запали регионот.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Игор Ангеловскики
(Интервјуто со Ристо Никовски е објавено во 62. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ристо Никовски: Почнуваме де факто ужас без крај, ова не е крај на проблемите
-
Никовски: Kога не се работи за името на државата, туку за идентитетот, не е можен компромис
-
Никовски: Софија тврди дека нема Македонци, дека нема македонски јазик и сакаат да потшиме договор со кој експлицитно ќе го прифатиме тоа
-
Никовски: Никој нема да направи историска грешка да прифати прекрстување на земјата и народот


