Македонскиот вицешампион Металург одигра бледо и се спаси од пораз во последните моменти од натпреварот против Тун, што заврши нерешено 24-24. Неочекувано, фенерџијата од Швајцарија му зададе многу проблеми на ланскиот четвртфиналист во ЛШ и постојано водеше од 15 минута до крајот на натпреварот.
Во последната минута Ренато Вугринец со гол израмни на 24-24, а Тун не успеа да искомбинира последен напад, па ударот од девет метри го одбрани Дарко Станиќ.
Неговиот колега на спротивната страна, Винклер правеше чуда на голот на Тун и одбрани дузина тешки удари и неверојатни 6 седмерци. Играчите на Металург беа како маѓепсани од Винклер, кој нанижа 14 одбрани.
Во нападот, последнопласираниот тим во Ц групата играше убаво за око, со одлични комбинација, па на крајот среќата ги спаси подзаспаните ракометари на Металург.
Тун водеше и со 5 гола разлика во текот на натпреварот, во последните 5 минути влезе со предност од 22-19, а сепак еден бод остана во Скопје, на контото на македонскиот вицепрвак.
Во таборот на домаќините Вугринец беше најефикасен со 7 гола, Атман постигна 5, а Мојсоски 4.
Кај гостите извонредна партија прикажа Дешванден со 8 погодоци, 7 од нив во првото полувреме. Многу мака на одбраната на домашниот тим и создаваше и Хасер со 5 погодоци, додека Ратгеб постигна 4 гола.
Металург има 9 бода во Ц групата и со едната нога е во осминафиналето на ЛШ, но се уште пласманот во топ-16 фазата не е сигурен. Тун го освои првиот бод во групната фаза, и нема никави шанси за пласман понатаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.