„Фејсбук-поетот“ Дарко Лешоски одлучи да ја допре реалноста. Момчето кое доаѓа од Вевчани и кое порасна во најчитаниот и најпродуктивен македонски поет на социјалната мрежа „Фејсбук“, а неговите песни со брзина на светлината се распослаа низ сите скопски, македонски културни прибежишта, конечно, ги собра своите единствени креации од зборови на едно место и ги преточи на хартија, ги смести во време и простор, ги претвори во опиплива материја.
Во преполниот клуб-ресторан МКЦ вчера беше промовирана првата збирка поезија на Дарко Лешоски, насловена „Дете од лоша фамилија“, чиј издавач е „Табернакул“.
Неформална промоција, на која Лешоски зборуваа неколкумина негови пријатели: „Бетмен велит“, Трендо, Тина Иванова, Јоваица Ивановски…, а негови песни читаа актерките Синоличка Трпкова и Весна Петрушевска.
Иако е млад, зад него се голем број песни кои секојдневно изникнуваат на страниците на „Фејсбук“.
-Во последно време ме споредуваат со Буковски, па потоа со Паоло Куељо, па со Семе синапово, па со други ликови кои не се писатели, но се присутни на таа наша естрада како такви. Па, еве, задоволителен и соодветен нека ми е одговорот – животот е поезија. Нека биде така. Инаку, кога можам, сакам да ги читам Блејк, Керуак, Пушкин, Конески и раните дела од Гете, Џерел, Коен. Ама тоа се други времиња. Замислете сега да седнете и да пишувате поезија за проблематиката на руската аристократија или Москва, Патешествија и Високото друштво и да користите таков фонд на зборови? Не можете! Тоа се генијални дела. Нема ни потреба – болката, љубовта, страдањето, среќата, ги имате пред очи – на пазар, на улица, во продавница, во автобус, во такси, кај сите нас. Јас уште не знам што значи мракобесие, иако сум го сретнал во многу песни. Тоа е богатство на јазикот. Но, јас не сакам да бидам богат. Сакам да ме извади нешто од чевли. Се ’палам‘ на искреност, и кај луѓето и во книжевниот израз, вели Лешоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.