| четврток, 6 декември 2018 |

Против Тун, Металург игра за џекпот и трета седмица во ЛШ

Против Тун, Металург игра за вистински џекпот и трета „седмица“ во ракометната Лига на шампиони. Мечот в недела од 18 часот во салата „Борис Трајковски“ е дел од седмото коло во групата Ц, а ако македонскиот вицешампион победи против апсолутниот аутсајдер од Швајцарија, ќе биде сигурен патник во фазата Топ-16.

И, интересно е што тоа би било третпат во серија Металург успешно да ја мине фазата по групи пред Нова година и со успех во седмата рунда. Во претходните два циклуси пласманот меѓу најдобрите 16 состави беше обезбеден во седмото коло со победи против Санкт Петербург пред две години и лани со Шамбери.

И сето тоа во три сезони што ги почна од квалификациите. Патем имаат и четвртфинале, од ланскиот циклус, кога против Кјелце во двомеч играа и за пласман на фајналфор-турнирот.

Тоа се успеси за респект, на тим од мала земја, што си изгради одличен рејтинг во Европа, а тоа, без разлика кој за кога навива, мора да се почитува. Патем, Металург со успесите го крева и рејтингот на македонскиот ракомет, а заедно со Вардар носат бодови и поени за подобри позиции на европската сцена.

– Се обидуваат да нѐ дестабилизираат, но нема да успеат. Имаме екипа составена од играчи со цврст карактер, клубот постојано расте и оди напред и на тоа сме горди. Ќе продолжиме во ист ритам, без разлика на одделни изолирани напади од одредени медиуми. В недела со победа ќе прославиме нов пласман во фазата Топ-16, а тоа трета сезона по ред е успех за почит – рече директорот на Металург, Левче Китевски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top