Металург ги надмина сите проблеми, се соочи машки со критиките, често неосновани и во доменот на жолтиот печат и во недела од 18 часот против Тун ќе игра за нов подвиг и пласман во фазата Топ-16 во Лига на шампиони. За хеттрик, за нови поени во градење на и така одличниот рејтинг во Европа , тимот од Автокоманда ќе мора да го победи аутсајдерот од Швајцарија.
– Не паметам клуб што три сезони по ред се пласирал во фазата Топ-16 на Лигата на шампионите, а секој од тие циклуси играл во квалификациите. Но, не смееме да се отпуштиме бидејќи Тун е екипа со голем ентузијазам и мотивација. Против нас се радуваа на секој гол, иако, на пример, губеа и со пет разлика. Ги загубија сите натпревари, но на сите играа машки. Играат брз центар, нападите брзо ги завршуваат, снаодливи се во транзиција и нема да биде толку лесно, колку што се мисли. Не се наигравме многу во Берн, кога им бевме на гости, иако победивме. Ги повикувам навивачите да дојдат да нè бодрат и се надевам дека со победа заеднички ќе го прославиме пласманот во фазата Топ-16 – изјави Лино Червар, тренерот на Металург.
Ванчо Димовски пак ќе биде еден од адутите за победа, за освојување на десеттиот бод, што ќе значи сигурен пласман меѓу 16-те најдобри екипи во Европа.
– Би било убаво да забележиме победа и трета година по ред во рана фаза од натпреварите по групи да обезбедиме пласман понатаму. Атмосферата и овој пат е прекрасна, исто како и во претходните две сезони. Треба да ја задржиме концентрацијата, нема отпуштање, а прва цел ни е да го поправиме впечатокот од првиот меч во Берн. Тун одигра потесно против нас од кој било противник во групата. Но, се паметат бодовите, иако не бевме среќни со развојот на настаните на тој меч. Ќе играме и за нас и за публиката, се надевам да прославиме заедно уште еден голем успех на Металург – изјави Ванчо Димовски.
Билетите за натпреварот се во продажба, а чинат 150 и 200 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.