| четврток, 6 декември 2018 |

Во „црвено-црниот“ пекол, Металург го стопи Вардар (26-18)

Ланскиот четвртфиналист во ракометната Лига на шампионите, Металург покажа дека има победнички карактер и во дербито на шестото коло во елитното натпреварување го победи Вардар со уверливи 26-18 . Во „црвено-црниот“ пекол што го креираа домашните навивачи, на моменти и со неконтролирано однесување, тимот од Автокоманда го стопи ривалот и заслужено се реваншираше за поразот од 22-27, кога тие беа домаќини пред десетина дена.

По првиот дел наликуваше дека Вардар повторно ќе слави, шампионот на Македонија водеше со 12-10 по 30 минути игра, но продолжението беше обоено во сино.

Искусните ракометари на Металург се разлетаа на теренот, а мотив за игра им даде голманот Раде Мијатовиќ. Црногорскиот интернационалец го замени на голот Дарко Станиќ и имаше импресивен серијал од одбрани. Како човек со 100 раце ги откажа играчите на Вардар од идејата да шутираат кон неговиот гол. „Црвено-црните“ постигнаа само 6 гола во второто полувреме, што е повеќе од двојно помалку од одбраните на извонредниот Мијатовиќ (13 одбрани).

Фуриозниот старт на вториот дел со серија од 8-1 му даде крилја на Металург, а потоа во последните 20 минути се беше рутина за искусните ракометари во сини дресови. Ренато Вугринец и Наумче Мојсоски постигнаа по 8 гола, Павел Атман даде 4 погодоци, а Гоце Георгиевски три пати реализираше за уверлив триумф во реваншот.

Кај Вардар Страхиња Милиќ бранеше солидно и забележа 9 одбрани, а листата на стрелци ја предводи Тимур Дибиров со 5 гола. Катастрофалното второ полувреме што домаќинот го загуби со 6-16 ги чинеше пораз вардарци.

По шестата рунда во Ц групата тие имаат 6 бода на четвртата позиција, зад Барселона со 11 бода, Металург со 8 и Пари Сен Жермен со 7. На петтото место е Динамо Минск со 4 бода, а Тун е последен со сите 6 порази.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top