| четврток, 6 декември 2018 |

Џебна антропологија

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Првпат во мојот живот минатата недела бев да го посетам родното место на мојата покојна мајка. Четири години по нејзината смрт. За своите седум децении живот таа немаше прилика да се врати уште еднаш. Не знам дали поради законите или поради болката. Или стравот од неонацистите. Сеедно, иако не ми остави аманет, одам да го посетам „чудесното парче рај“, како што таа го нарекуваше родното место. Без имиња, без роднини, без трогателни средби.

На границата треба да се покажат патни исправи. Полесно ќе се протне камила низ иглени уши одошто овде налепницата МКД. Цариниците ѕиркаат во багажот. Не можат да ѕирнат во мојот емотивен багаж. И не треба.

Ме предупредуваат дека не смеам да останам подолго од една седмица. Одмолчувам, да не настане кавга. Се согласувам на помалку од една седмица. Само да го мириснам местото.

Потоа е лесно. Го следиш звукот што обично го слушаат набрканите. Одиш по инстинктот. И сите одбранбени механизми ги ставаш во лер. Зборот „бегство“ можам да го додадам во моите документи за лична идентификација. Веднаш до улицата и бројот. Токата и фуга во беломорско издание.

Што после?

ЕТНИЧКО ЧИСТЕЊЕ: по дефиниција, етничка чистка претставува активност што ја презема владата на една земја за да го натера населението да напушти одредена територија, од не е важно кои причини. Активностите се состојат од силување, малтретирање, убиства…

Глобално етничко чистење? Хмммм…

„Ити“ телефонира дома: вонземјаните имаат поинаков систем на чистење. Тие користат поплави, земјотреси, евентуално верижни сообраќајки или оној чудесен сплет на околности кога ќе се оствари клетва од типот „земјо отвори се“. Минатата година имаше неколку такви интересни случки, две-три во Русија и неколку слични кај вечниот ривал Америка.

Загубена антропологија, би рекол Дине Донев. Од внатрешната страна на човечките мозоци има суптилно напишано упатство за користење. Со многу ситни букви пишува дека кога ќе згусти, се препорачува хемиско чистење.

Вечни миграции. Селидби, походи.

Кога било првото такво чистење? Во зависност од која и чија историја ќе се ориентираме. Доколку не претставува некаков шифриран начин на пренесување порака со романтичарски бекграунд а ла кодот на Да Винчи, Стариот завет е една збирка и збрка од каталогизирани убиства по азбучен ред. Како и Багавад-гитата впрочем. Ако и „светите“ книги го легитимизираат насилството, што останува за теренските метли, правосмукалки и микрофибер магични бришала на цели поглавја од современата историја?

Непријатното во културата: се разбира, Евреите имаат најдолга традиција во консумирањето на оваа немила дејност. Од обете страни на шалтерот. Чувството за „избраност“ и желбата да се биде сам на одредена територија, некои ја нарекуваат „своја куќичка, своја слободичка“. На аеродромите седат во одделот за ВИП.

Примери за некои познати светски егзодуси, што најлесно можат да се најдат на интернет: најпознатиот е оној од 1.500 година во Шпанија кога се врши масовен прогон на муслиманското население.

Потоа, Сијуксите и Команчите во Америка. Абориџините во Австралија. Религиозното чистење во Ирска. Ерменија. Козаците. Либијците. Србите. Германците.

Азербејџан. Палестина. Курдите.

Не знам дали треба да е вообичаено, но за прогонот на Македонците не пишува многу. Нема податоци на прво пребарување. Или можеби треба да се копа подлабоко?

Изразот „под линијата“ го означува сето тоа што се случува во практиката, во животот, а за тоа најчесто се молчи и се турка под секаков вид теписи. Во времето на Александар овие теписи во најголем број случаи биле персиски. Какви се денес?

„Под линијата“ на јужната граница, неонацизмот повторно е тренд и некако сè мириса на времето на економските кризи од 30-тите години на минатиот век кога баучот кружеше над Европа и забрефтаниот капитализам ги полнеше фабриките со изморените емигранти од исток. Тие за мали дневници ја исполнуваа агендата на капиталистите, секогаш под силен притисок да се заработи уште и уште.

Повеќе од историја, помалку од политика: нови војни. Внатрешно раселување.

На гости засекогаш. Скајп-менаџирање на кокошарници со далечинско управување. Снесените јајца немаат жолчка. Грозје без семки. Ракија без алкохол. Ајвар – нема. Експеримент еднаш, експеримент засекогаш. Адреналинот е најскапоплатениот хормон. Во периодичниот систем на преживеаните. Мрежна војна.

Од космички автомати до системи за преживување. Парадоксот на доброволниот самопрогон. Во потрага по подобар живот. Во трка со неумоливата статистика. Ужас…

Митот за деетнизација и космополитски песнички за успивање, отчукани на есперанто.

Пасивен егзодус. Етнос преоптоварен со минато. Конфликти и ескапизми. Повторени лекции. Само соочувањето овозможува надминување. Единствено храбрите можат да ја голтнат големата пилула на стравот. Само тие одат без кнедла во грлото. Но, каде се, по ѓаволите?

Кој кого брка, кој од кого бега, до кога, зошто?

На враќање кон „дома“, на радиото во автобусот оди некоја популарна емисија на локалното радио. Го замолувам шоферот да ми преведе. Емисијата е нешто како хајд парк, претежно со теми од секојдневниот живот на луѓето.

Се јавил социјален работник од најголемото сиропиталиште во градот, раскажува дека претходниот ден една триесетгодишна мајка дошла да го остави седумгодишното дете бидејќи повеќе не била во можност да се грижи за него. Кога тргнала да си оди, детето почнало да плаче на сиот глас и да вика по неа: „Не оставај ме, ти ветувам дека утре нема да бидам гладен…“

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top