На Саемот ќе биде претставено богатото културно-историско наследство од регионот Дебар–Река, со фокус на селото Гари, кое се издвојува како прворангирана споменична целина од приоритетната листа на проектот.
Презентацијата ќе биде направена земајќи ги предвид туристичките потенцијали на регионот и можноста за инвестирање во културното наследство. Саемот за туризам и недвижен имот – ТРЕ е организиран како интернационална конвенција и изложба посветена на инвестициите во туризмот, при што културното наследство се истакнува како потенцијал за инвестирање и економски развој. Најзначајните компании од областа на недвижниот имот, инвеститори, градежници, менаџери на хотелски комплекси, институции, консултанти и познати архитекти ќе бидат на едно место за да учествуваат на конференциите и на состаноците во рамките на Саемот со цел да се изгради мрежа на соработка и да сe почнат партнерства за идни проекти.
„Културната вредност во интерес на одржливото територијално управување и маркетинг – КУЛТЕМА“ е проект од меѓународен карактер во кој активно учествува Република Македонија заедно со уште осум земји од југоисточна Европа. Проектот е поддржан од Советот на Европа, а е финансиран преку ИПА-програмата од страна на Европската Унија. Лидер на проектот е регионот Венето од Италија. Стратегијата на проектот „КУЛТЕМА“ е согледување и промовирање на културното наследство како фактор за економски развој на одделните региони од земјите-учеснички во проектот. Главната цел е да се зголеми вниманието за атрактивноста и економскиот потенцијал за инвестирање во културното наследство. Тоа се постигнува преку зајакнување на институционалните капацитети во областа на културното наследство и преку спроведување иновативни модели на управување, соодветни за намалување на административните, општествените и економските бариери меѓу културното наследство и потенцијалните инвеститори. Имплементацијата на проектот во Република Македонија започна во октомври 2011 година, а ќе заврши во јануари 2014 година.
За регион во фокусот е избран регионот Дебар–Река. Активностите на „КУЛТЕМА” се распоредени во шест работни пакети. Со нивната реализација е изработена заедничка Комуникациска стратегија на партнерите во проектот, веб-страница во чии рамки постои Маркетиншка платформа на културно наследство, брошура за регионот Дебар–Река, маркетиншки картички за селата Гари и Галичник и за Стариот амам во Дебар, како и промотивен леток, брошура и маркетиншки каталог заеднички за сите партнери.
Изведено е мапирање на регистрираните културно-историски споменици и споменични целини во регионот Дебар–Река, кои се внесени во електронската база на податоци, нивна оцена и изведување на приоритетна листа од која селото Гари се издигна како пилот-проект за кој се подготви физибилити студија. Проектниот тим организираше фокусна група/работилница на тема „Учество во процесот на културно управување и креирање модел за културно управување“. Резултатите од оваа група беа искористени при изработката на Извештајот за процесот на учество во управувањето на културното наследство, како и за изработката на споредбениот Извештај за состојбата во законодавството и примерите од добрата практика во делот на добро управување во културата.
Исто така, проектниот тим направи и анализа на пазарот на инвестиции во регионот Дебар–Река, со фокус на инвестициите во културното наследство, учествуваше во подготовката на Маркетинг-стратегијата за сите партнери и организираше т.н. „роуд шоу“ во село Гари. Одржливоста на проектот ќе биде спроведена преку потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу проeктните партнери и функционирањето на т.н. КУЛТЕМА – Лаборатории за вмрежување кои ќе бидат распоредени во Белград, Грац и Венеција. Кон средината на декември во Скопје, во организација на Министерството за култура, ќе биде организиран последниот меѓупартнерски состанок на проектот „КУЛТЕМА“ и ќе биде финализирана изработката на публикацијата за можностите за инвестирање во културното наследство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.