Македонската асоцијација на новинари – МАН, најостро ја осудува вчерашната изјава на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, кој отворено, на прес-конференција, се закани со тужби врз новинарите што пишувале за случајот „Корнишони со зголемено ниво на пестициди”.
МАН, смета дека ова е класична закана кон слободата на изразување и обид за заплашување на новинарите. Притоа го повикува раководството на партијата и претседателот Зоран Заев да ги преиспита своите ставови.
МАН, потсетува дека случајот „Корнишони со зголемено ниво на пестициди“ го објавија хрватските медиуми, врз основа на докази на тамошните инспекциски служби.
Право на секој новинар, а и професионален пристап кон известувањето е да истражува и објавува информации. Новинарите што пишуваа за овој случај, пренесуваа или информации од надлежните државни органи, или објавуваа свои информации, кои се покажаа како веродстојни.
МАН го повикува Зоран Заев, ако има проблем со објавувањето на информации и со професионалниот пристап кон новинараството, благовремено да ја извести македонската јавност, кои се неговите ставови за независноста на медиумите и слободата на изразување, бидејќи манифестирањето јавна сила и закана дека ќе тужи секој и секого е карактеристика на едно друго, минато време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.