На денот на ослободувањето на Скопје, 13 ноември, Црвениот Крст на Град Скопје, организираше традиционална крводарителска акција како дел од кампањата „Супер е да си млад, кул е да си хуман“. На настанот беше присутен и ракометарот Наумче Мојсоски кој е заштитното лице на оваа кампања и кој доби благодарница за својата посветеност на истата.
– Благодарен сум и горд на себеси што моето име, она што го работам и мојата посветеност на спортот и здравиот начин на живот служат во хумана цел, што некому му даваат пример и поттик за да го споделат највредното, течноста што живот дава – изјави Наумче Мојсоски.
Исто така, посебни признанија за својата заложба им беа доделени на првата приватна болница „Ре-Медика“ за нивната континуирана поддршка на крводарителството, како и РК Металург за нивната поддршка во промоција на крводарувањето кај младата популација.
– Како доктори најдобро ја знаеме вредноста на дадената крв и спасениот живот, затоа што секојдневно се соочуваме со потреба од крвни единици. Токму во контекст на тоа е и нашето вклучување во кампањата „Супер е да си млад, кул е да си хуман“ чија цел се роди од фактот дека крводарителската популација во Македонија е во поодминати години и дека имаме потреба од едукација на младите. Дополнително, иницирани токму од значењето на хуманоста, на денот на роденденот на Ре-Медика, вработените од болницата секогаш го даваат својот придонес, дарувајќи крв со единствена цел да се помисли и помогне секогаш кога е најпотребно – изјави проф. д-р Андреја Арсовски медицински директор на „Ре-Медика“.
Кампањата „Супер е да си млад, кул е да си хуман“ започна на 14-ти јуни, светскиот ден на крводарителството и ќе продолжи и во наредниот период. Како дел од оваа кампања, покрај крводарителските акции, предвидени се повеќе трибини и слични манифестации кои имаат за цел да допрат до младите и да ги едуцираат за вредностите и значењето на крводарителството.
Како дел од оваа кампања веќе функционира и „Клубот 25“ составен од млади и едуцирани волонтери кои вршат активна едукација на своите врсници, а во интерес на целите на кампањата. Севкупните активности се организирани и поддржани од Црвениот Крст и првата приватна болница „Ре-Медика“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.