За појавата на една сосема нова форма на света војна, наречена „сексуален џихад“, светската јавност слушна уште на почетокот на годинава, но иако зад оваа неверојатно интересна приказна стојат високи политички и верски службеници во Тунис и во Сирија, сведоци и исповед на жртви, сепак постои сомневање дека станува збор голема пропаганда.
Во извештаите на медиумите се пишува за стотици муслиманки (во најголем дел од Тунис), кои им ги нудат своите тела на исламистичките екстремисти во знак на нивна посветеност кон каузата. Шпекулациите за млади жени што заминуваат од своите домови за да им даваат сексуални услуги на приврзаниците на џихад во Тунис и во Сирија циркулираат со месеци, но начинот на кој се практикува и евентуалната поврзаност со сирискиот конфликт се обвиткани со мистерија. Во либералниот Тунис веста за појавата на „сексуален џихад“ беше примена со шок, а многумина го отфрлаат како политички мотивирана измама. Но, тие што веруваат во неа алармираат дека со растечкиот екстремизам во земјата вакви појави се можни и не е толку лесно да се контролираат.
За „сексуалниот џихад“ како појава првпат се слушна во декември минатата година, откако како порака се појави на профилот на „Твитер“ на саудискиот шеик Мохамед ал Арефе: „На муслиманките постари од 14 години им е дозволено да се омажат за приврзаник на џихад на неколку часа, а потоа да се омажат за други приврзаници на џихадот, со цел засилување на моралот на борците и за отворање на портите на рајот“.
Пораката на овој салафистички теолог, кој е многу почитуван меѓу приврзаниците на џихадот и кој е познат по своите строги проповеди, беше примена како религиозна фатва (правно мислење од исламско верско лице дали некое дело е во согласност со принципите на исламот) и за миг се прошири по социјалните мрежи. Но, сепак, уште од истиот момент се појавија и првите сомневања во веродостојноста на приказната. Пораката, која, наводно, е објавена на социјалната мрежа, има 200 карактери, а лимитот на „Твитер“ е 140. Овој факт не беше пречка сторијата за „сексуалниот џихад“ да добие голем публицитет, па експресно се пренесе од неколку арапски и ирански телевизиски станици.
Блиски луѓе на шеикот Арефе подоцна демантираа дека тој е автор на пораката и објаснија дека ваква фатва никогаш не била објавена на неговите официјални профили. Ниту на „Фејсбук“, ниту на „Твитер“. Но, неговото оградување од пораката не беше доволно за да се сопре со пишувањата на оваа тема на медиумите и на социјалните мрежи. Овој пат, фатвата не се поврзуваше со шеикот, туку со „анонимен извор“.
Првите докази, пак, кои ја поттикнуваат теоријата за постоење „сексуален џихад“ доаѓаат од област во централен Тунис, сместена на границата со Алжир, која се нарекува Џебел ех Чамби (Jebel ech Chaambi). Во овој регион туниската војска од декември 2012 година (во периодот кога се појави пораката на профилот на „Твитер“ на саудискиот шеик) има вооружени судири со милитантни групи поврзани со Ал Каеда. Токму во градовите што гравитираат во овој регион, според шефот на националната безбедност на Тунис, Мустафа бин Амр, во август годинава полицијата уапсила група жени и девојки од Тунис, кои вршеле „сексуален џихад“, односно имале секс со членовите на милитантните групи како дел од кампањата за подигнување на моралот на екстремистите. Овие тврдења беа примени со скептицизам меѓу Тунижаните и со шок од семејствата на притворените девојки.
Котроверзната приказна за „сексуалниот џихад“ повторно се отвори по еден месец. Во септември министерот за внатрешни работи на Тунис, Лотфи бин Џидо, изјави дека жени и девојки патуваат во одредени делови на Тунис, но и во Сирија за поддршка на милитантните борци.
– Девојки од Тунис се силувани од 20, 30, па и од 100 бунтовници, а потоа се враќаат со плод од сексуалниот однос во име на сексуалниот џихад, а ние молчиме и не преземаме ништо – изјави Џидо во националното собрание.
Во речиси исто време, приказната повторно исплива на површина и во Сирија и во Либан. Се појавија и видеоснимки од сведоци и списоци на жени, кои, наводно, биле дел од оваа појава. Видеата потоа се емитуваа на повеќе медиуми во Сирија и во Либан. Во еден од прилозите за „сексуалниот џихад“објавен на сирискиот телевизиски канал „Ал Икбарива“, една 16-годишна Сиријка тврди дека е жртва на инцест од страна на нејзиниот татко пред да биде испратена кај приврзаниците на џихад. Тинејџерката опишува детали од тоа што, наводно, го преживеала.
Овие тврдења на сведоци, како и изјавите на официјални лица од Тунис, критичарите ги оценуваат како неосновани и ги карактеризираат како политичка пропаганда. Според нив, политичарите што ги дале овие изјави биле во лоши релации со владејачката партија во Тунис, па на овој начин сакале да покажат дека партијата Исламист енхада ги затвора очите пред екстремизмот.
Новинарот Зухир Елис од Тунис смета дека тврдењата на министерот за внатрешни работи се неосновани и дека тој е дел од политичката игри меѓу власта и опозицијата.
– Министерот предизвикува контроверзии оставајќи впечаток дека станува збор за голема работа. Тој е познат по својата политичка независност, но мислам дека е фатен во политичка игра меѓу ривалските партии. Тој го одби барањето да се сретнеме со овие девојки во притвор, но неговиот портпарол нѐ извести дека имале докази и признанија, кои ќе бидат презентирани на суд – вели Зухир Елис.
Ниту Анвар Малек, набљудувач на Арапската лига во Сирија, не верува во тврдењата за постоењето на овој вид света војна и смета дека сето ова е само пропаганда на сирискиот режим.
– Повеќе официјални лица од Тунис ми кажаа дека оваа приказна е измислена. Засега нема доказ за вакво нешто. Лично мислам дека станува збор за заговор од страна на сирискиот режим. Има Тунижанки на сириска територија, но овие жени таму живеат со години. Некои од нив се проститутки, но немаат врска со каков било облик на „сексуален џихад“ – вели Алжирецот Анвар Малек.
Иако сите поголеми светски медиуми, хуманитарни организации, политичари и аналитичари се занимаваат со оваа тема, досега никој не успеал да ги докаже ниту ужасните приказни, ниту валканата пропаганда. Останува фактот дека уште долго јавното мислење ќе биде поделено околу веродостојноста на бизарната практика, а директно засегнатите ќе нудат нови аргументите „за“ и „против“ нивните верзии.
(Текстот е објавен во 62. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
АВМУ констатира неправилности во јавната пропаганда за референдумот
-
Опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни записи за пропагандни цели
-
Таткото стаписан кога видел како детето убива војник: Тоа е мојот син
-
Заборавете на летоците: пропагандниот материјал за изборите и тоа како напредуваше (фото)