| четврток, 6 декември 2018 |

Опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни записи за пропагандни цели

Министерството за финансии смета дека опозицијата со пласирање невистини и полувистини во јавноста ги злоупотребува аукциите на државни хартии од вредност во пропагандни цели.

Доказ за тоа е што и дополнителниот заменик министер за финансии Наумов и одредени медиуми, во настојувањето да прикажат дека државата се задолжува, испуштија да напоменат дека вчера во стопанството се вратени 12,2 милиони евра по основ на државни хартии од вредност, стои во реакција на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии.

Од Министерството појаснуваат дека секаде во светот економиите издаваат државни хартии од вредност и тие се значаен дел од пазарот на капитал. Според МФ доколку опозициската СДСМ смета дека овој фискален инструмент е негативен, тогаш зошто го вовеле во 2004 година и организирале аукции.

– Државните хартии од вредност се најсигурни хартии од вредност на пазарот на капитал. Затоа и побарувачката за нив е голема. Сепак, Министерството за финансии е прудентно и износите на кои ги издава државните хартии од вредност се далеку под она што се бара од инвеститорите. Согласно структурата на понудата и рочноста се носи одлука колку од дополнителната побарувачка од инвеститорите да се прифати. Големата побарувачка од страна на инвеститорите е доказ за нивната доверба во домашната економија и економските политики кои се спроведуваат од страна на Владата. Сите средства од нето повлекувањето со државни хартии од вредност остануваат на депозитната сметка, стои во реакцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top