Одлична најава направија луѓето од Европската ракометна федерација (ЕХФ) пред големата и долгоочекувана македонска пресметка во Лигата на шампионите меѓу Металург и Вардар, која е закажана за задутре во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Време е за дерби во Скопје“ е насловот на видеоматеријалот што го сними екипата од ЕХФ ТВ како најава за големиот настан што со нетрпение го очекува цела Македонија.
На мегдан ќе излезат ракометните велемајстори од калибарот на Ренато Вугринец, Тимур Дибиров, Наумче Мојсоски, Алекс Душебаев, Дарко Станиќ, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков, Страхиња Милиќ, Гоце Георгиевски…. Дерби со многу набој, голем ривалитет, со дузина квалитетни екстра-ракометари во двата табори, секогаш поткрепени со врвно навивање.
„Ова мора да се види и едноставно не смее да се пропушти“, вели за ЕХФ ТВ адутот на Металург, Ренато Вугринец.
На 14 ноември е првиот дел од најголемото балканско и според многу параметри веќе и европско ракометно дерби, а Металург е домаќин и организатор на мечот. Десет дена подоцна, на 24 ноември актерите ќе бидат исти, но во поинакви улоги. Во вториот дел од македонскиот ракометен блокбастер од Лигата на шампионите, Вардар ќе биде во улога на домаќин, a двата натпревари за кус рок најавуваат вистинска ракометна треска во Скопје и цела Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.