По извршените разговори со сите вмешани страни, Дисциплинската комисија на Металург заклучи дека нема основа за натамошно водење на постапката и со свое решение ја укина суспензијата на Дарко Станиќ.
Тоа е епилогот од денешната седница на Дисциплинската комисија на Металург. Сите недоразбирања на релацијата Металург – Станиќ се расчистени на заемно задоволство, за што сведочи и изјавата што Станиќ ја даде за официјалната веб-страница на Металург:
– Денеска имав подолг разговор со генералниот спонзор на Металург. Беа отворени сите теми и беа разгледани сите проблеми. Со големо задоволство можам да кажам дека победи здравиот памет и дека ги расчистивме сите недоразбирања. Најбитно е тоа што е договорена здрава комуникација, нешто што досега ни недостигаше.
Свесен сум за мојот однос на натпреварот против Динамо Минск, но и јас сум само човек со свои мани и доблести. Секако дека жалам што првпат во својата кариера бев суспендиран, но се надевам дека сето тоа е веќе зад нас.
Целосно му се враќам на натпреварувачкиот систем и се надевам, како и многупати досега, дека ќе го дадам мојот придонес во идните успеси на Металург. Нѐ чекаат важни натпревари, а прв меѓу нив е мечот со Вардар, против кој секогаш сум посебно мотивиран бидејќи се работи за вистинско дерби – изјави Станиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.