| четврток, 6 декември 2018 |

Лајчак до ЕУ: Решете еднаш што ќе правите со Македонија

miroslav lajcak

Словачкиот министер за надворешни работи и поранешен меѓународен пратеник за Балканот, Мирослав Лајчак, очекува на следниот самит на Европската унија Македонија повторно да биде блокирана од страна на Грција поради спорот за името, и покрај по петти пат добиената препорака за отворање на преговорите.

– Европскиот совет, најверојатно, повторно нема да додели датум за преговори за Македонија. Унијата треба да одлучи што ќе прави со Македонија бидејќи и по пет препораки од Европската комисија, Европскиот совет не може да донесе одлука за почнување на преговорите. Македонија е блокирана од 2005 година, и тоа не е добро бидејќи ако не е преокупирана со позитивна агенда, ќе биде преокупирана со поинаква агенда. Потребна е промена на реториката бидејќи не можете по 20 пати да повторите Комисијата да каже „да“, а Европскиот совет „не“. Тоа е многу фрустрирачки – изјави Лајчак, кој вчера зборуваше за односот на ЕУ со источноевропските држави, на конференција во Атланскиот совет во Вашингтон.

Словачкиот министер потсети дека Македонија е првата земја од западен Балкан која ги почнала интеграциите и оти е добар пример за меѓуетничка соработка во регионот. Според него, Унијата останува заинтересирана да ги види сите земји од регионот како членки на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top