| четврток, 6 декември 2018 |

Четврт-финале за Вардар зачинето со нов триумф над Подравка

Ракометарките на ЖРК Вардар се со едната нога во четврт-финалето на Лигата на шампионите по новиот успех и победа против Подравка, овојпат во Копривница. Избраничките на Индира Кастратовиќ славеа убедливо со 35-17 на гостувањето, што е триумф со поголема разлика од скопските плус 13 (39-26) во дуелите на двата тима во ЛШ.

Шампионките на Македонија најавија дека нема да дозволат изненадување уште од самиот старт кога поведоа со 3-0, предност што се удвои на крајот од првото полувреме (16-10).

Во вториот дел скопјанки прикажаа атрактивен ракомет, докажаа дека имаат моќен состав што може да биде кандидат и за европската круна, а потврда за тоа е рутинската победа од 35-17 во Копривница.

Андреа Лекиќ со 8 гола беше нерешлива енигма за хрватските ракометарки, а Дембеле и Хмирова дадоа по 5 погодоци. Црвенковска, Николиќ и Дмитровиќ постигнаа по 3 гола, за значајна победа на ЖРК Вардар.

Во следната рунда за една седмица шпанскиот состав Бера Бера ќе гостува во Скопје, во меч за потврда на четвртфиналната виза за „црвено-црните“. Во првиот меч Вардар славеше со 23-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top