| четврток, 6 декември 2018 |

ЖРК Вардар во Копривница по победа и пласман во четвртфинале

Женскиот ракометен клуб Вардар утре во Копривница ќе атакува на нова победа против Подравка што ќе значи сигурен пласман во следната рунда од Лигата на шампионите.

Македонските шампионки пред две седмици го декласираа составот од Хрватска со 39-26, но овојпат Подравка ќе има предност со настап на домашен терен.

„Мислам дека ова ќе биде многу потежок натпревар. Подравка ќе игра пред своја публика, а тоа е екипа што знае да го искористи домашниот терен. Одбраната ќе биде клуч за успехот. Доколку одиграме како на првиот натпревара во Скопје ќе нема проблеми и верувам дека уште во Кошривница ќе обезбедиме пласман во следната фаза“, изјави Индира Кастратовиќ за клупскиот сајт.

Голем адут е Јованка Радичевиќ, одличното крило на ЖРК Вардар. Црногорската репрезентативка лесно се вклопи во новиот состав на скопјанки и игра се подобро од меч во меч.

„Свесни сме за важноста на натпреварот, бидејќи со победа ќе обезбедиме место во четвртфиналето.  Ме радува тоа што како поминува сезоната, нашата форма напредува. Поради одличните игри веќе почнуваме да привлекуваме се повеќе внимание во ракометна Европа. Се надевам дека ќе продолжи ваквиот тренд, и ќе играме се подобро и подобро до крајот на сезоната“, вели Радичевиќ.

Натпреварот се игра утре од 18 часот со пренос на ТВ АЛФА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top